Видеоматеријал со поезијата на Блаже Конески на македонски, албански, турски, ромски, српски, влашки и босански јазик реализираше Министерството за култура во рамките на одбележувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Програмата се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата беа обезбедени од министерствата за култура и за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади.
Од Министерството за култура известуваат дека покрај институционалните форми, делото на Конески на оригинален начин се чува, се негува и се осовременува и низ различни форми на граѓански и образовни институции, кои подготвиле алтернативни начини и на современ јазик говореле за темелните вредности на Конески.
– 100-годишнината од раѓањето на Конески се чествуваше и во седиштето на УНЕСКО во Париз, каде на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, песни од Конески на своите јазици прочитаа повеќе високи дипломатски претставници во УНЕСКО – велат од Министерството.
Во знакот на Конески се одржа и 60. издание на „Струшки вечери на поезијата“, а беше издадено и монографско издание посветено на Конески. Беа распишани и конкурсите за ученици од основните училишта и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Конески. Беа промовирани и илустрации создадени на Јавниот конкурс на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, со што студентите оддадоа почит кон поетското наследство на Конески, но дадоа и нова димензија за афирмација на визуелната уметност, преку илустрацијата во издаваштвото. Во рамките на јубилејот, Народната банка издаде златна кована монета со ликот на Конески, а Поштата издаде поштенска марка со ликот на оваа наша национална гордост.





