Високото образование на државните универзитети во земјава и образовниот процес во услови на пандемија, практицирање на автономијата, финансиско процесирање и студентски предизвици, беа темите на јавната расправа што ја организираше Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. На собирот учествуваа претседателот на Советот проф. д-р Тодор Серафимовски, ректорите на државните универзитети и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа посочи дека пандемијата наметна нови предизвици кои бараат поинаков пристап и организација на работата, но дури и во овие услови, продолжуваат позитивните промени кон унапредување на сите нивоа на образованието, вклучувајќи го и високото. Царовска повтори дека по една деценија вратена е поддршката за развој на научните и високообразовните установи и повик за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи со што на располагање се 17,3 милиони денари.
Ректорите ја поздравија иницијативата за одржувањето на дебатата и посочија дека овие средби треба да станат редовна пракса, бидејќи тоа е најдобриот начин за размена на мислењата и создавање на стратегија за понатамошните чекори.
Д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература за Умно.мк искоментира дека конечно има убава вест за јавните научни институти.
– Министерството за образование и наука ќе финансира по еден проект во секој институт. Речиси заборавивме како се работи тимски. Таква раздвиженост во Институтот за македонска литература одамна не сме имале. Орни за тимска работа! Па нека ни се со среќа (баш ќе ни треба) и успех работата на Енциклопедијата на македонската книжевност, сега за сега ограничена на автори и дела! Од усната и средновековната па сè до 2020 – рече таа.
Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност е формиран заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност. Тој е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност. Советот е составен од 15 члена кои ги избира Собранието меѓу кои се професори од сите научни области, студент и член од Стопанската комора и претставник од МАНУ.





