Повеќе од 950 деца на возраст од 4 до 12 години од целата земја се натпреваруваа на третото издание на мини „Трчај бе!“, детската верзија на веќе етаблираната трка „Трчај бе!“ што се одржа во Битола. Трката и овојпат потврди дека е вистински празник на радоста, спортот и заедништвото. Повеќе од 4.000 посетители ги бодреа најмалите тркачи и сите заедно покажаа дека иднината навистина има нозе, насмевка и полет.

Во 28 категории, поделени според возрасни групи и пол, малите атлети трчаа со неверојатен ентузијазам. 84 најбрзи добија посебни признанија.
– Мини „Трчај бе!“ не е само спортски настан. Тоа е платформа за охрабрување на здрави навики, инклузија и солидарност. Нашата мисија е децата да се чувствуваат важни, видени и поддржани. Секоја насмевка на патеката е потсетник дека вложуваме во здраво и праведно општество – велат организаторите.

Иницијатор на „Трчај бе!“ е Никола Димитровски. Преку кампањата која траеше еден месец пред трката под слоганот „Малите трчаат големо“, организаторите донираа стартни пакети за сите деца од ранливи категории и опрема за училиштата по атлетика во вредност од 100.000 денари, во соработка со Атлетската федерација на Македонија.





