65 уметнички дела за 20 години „Арт Поинт – Гумно“ во МКЦ

Големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на „Арт Поинт – Гумно“ од демирхисарското село Слоештица вечерва во 20 часпт ќе биде изложена во Младинскиот културен центар во Скопје. Пред публиката ќе биде претставено дел од уметничкотo богатство на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач, Јулијана Величковска, која вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.

Оваа поставка ќе биде завршен настан од низата со кои што годинава Центарот го чествувше 20-годишното постоење.

– „Арт Поинт – Гумно“ е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003 до денес, на креативното гумно во селото Слоештица, продефилираа ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет. Не случајно, завршниот настан ќе се случи токму во МКЦ – Скопје. Една од заложбите на „Арт Поинт – Гумно“ е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат на почетоците од нивните кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-тина млади уметници, некои од нив, денес се веќе етаблирани автори – велат Ирена и Сергеј Андреевски.

Изложбата летово беше поставена во Офицерскиот дом во Битола.

Насловна фотографија: Од изложбата во Битола

Сподели