61.6 милиони евра изнесува предлог-буџетот за 2023 година, што денес на прес-конференција го образложија премиерот Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Стојчевска-Костадиновска. Буџетот ќе биде фокусиран на две основни цели – отворање перспективи за развој на културата и грижа за постоечкото културно-историско наследство. Предлог буџетот лани изнесуваше 62 милиони 692 илјади евра.
Културата останува приоритет – соопшти премиерот. Ковачевски нагласи дека е обезбеден континуитет на реализацијата на програмите и проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство.
Сите споменици и спомен обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода, ќе бидат реконструирани, истакна премиерот.
Министерството за култура е задолжено, со рокови, да склучи договори/меморандуми за соработка со општините, за санација на спомен обележјата и да достави информација до Владата во којашто ќе бидат утврдени потребните мерки и средства за оваа цел.
– Во 2023 година започнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Република Северна Македонија, каде се наоѓаат етнолошката, археолошката и историската поставка на државата и бесценетата Галерија на икони. Оваа колекцијата на икони е најбројна од овој вид во земјата и содржи повеќе од 400 икони, кои што потекнуваат од почетокот на XIV век до средината на XX век. Со предлог Буџетот се предвидени 813 илјади евра за реконструкцијата и санацијата на овој објект, којшто е заштитено културно добро и темелна институција. На овој начин ја осигуравме негова достоинствена заштита, како што доликува на институција од ваков вид“.

Со предлог Буџетот превидени се 50 илјади евра за поддршка на младите во културата.
– Сите финансиски обврски за оваа година се реализирани, затворени. Според тоа, не префрлуваме никакви обврски од оваа, на товар на буџетот за следната година. Нема заостанати обврски, значи во следната година влегуваме со буџет кој нема да плаќа стари сметки и тоа ни овозможува да ги реализираме и планот и програмата за следната година со предвидениот износ“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека во 2021 година, за плати од буџетот за култура се издвоени 49,51%, а во 2022 платите, во согласност со колективните договори, се 51,75 % од буџетот, односно 1 милион евра повеќе, износ кој е вграден во буџетот за следната година. Во буџетот за 2023 година се зголемени и средствата за комунални услуги за установите од областа на културата, зголемени се и блок-дотациите како и капиталните дотации за општините од 1 на 20 милиони денари. За капиталните расходи пак, во предлог Буџетот за културата за 2023-та, предвидени се 6,4 милиони евра. Процентот на реализација на капиталните инвестиции за 2022 година до овој момент е високи 83 % со тенденција во преостанатите 10 дена да биде повисок.
– Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Се работи и ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Затоа, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни институции – порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека во 2023-та средствата за субвенции и трансфери ќе изнесуваат 12,5 милиони евра.
Во фокусот на комисиите остануваат принципите: поддршка на квалитетот, поддршка на младите уметници, на креативните и иновативните изрази, на проектите со традиционален и докажан квалитет и со реноме, запазување на принципот на застапеност – од родова до етничка.
Во моментов, додаде Костадиновска-Стојчевска, комисиите работат на програмите од националните установи, а службите во Министерството за култура ја вршат административната проверка на веродостојноста на прикачените документи во електронската апликација.
– Оваа година пристигнаа 3.355 пријави. Најмногубројни и оваа година се пријавите во издавачката дејност. И тука сакам да ја споделам информацијата дека ги исплаќаме сите обврски кон корисниците за проектите што се реализирани во оваа година, запазувајќи ја тенденцијата – без пренесени обврски во новиот буџет за тој целосно да биде наменет за програмата за 2023-та. До моментов, за оваа намена се намирени над 96 %“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека реализацијата на севкупниот буџет на Министерството за култура за 2022 година, заклучно со вчерашниот ден, е 95 %.





