Во Кочани, Штип, Скопје, Пробиштип, Виница и Струмица, семејствата денеска ќе ги погребаат своите најблиски кои загинаа во пожарот во Кочани пред пет дена. Во Македонија денеска ќе се одржат 59 погреби – 43 во Кочани и Чешиново Облешево, по пет во Штип и во Скопје, три во Пробиштип, два во Виница и еден во Струмица. Вчера во Кочани беше погребана 60-та жртва од трагедијата, возачот на брза помош Илчо Гоцевски, кој после 32 часа работа и 11 возења од Кочани до Скопје и назад заспал и не се разбудил. Една од најдраматичните слики објавени деновиве во медиумите се пресните гробови во новиот, проширен дел на гробиштата во Кочани.
Погребот на пејачот Андреј Ѓорѓиески од дуото ДНК, ќе се одржи денеска на градските гробишта Бутел. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел во 10 часот.
Последен поздрав на Сара Пројковска, пратечки вокал, доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе ù биде даден во 12 часот, во црквата „Св. Петар и Павле“ на гробиштата во Ново Лисиче.
Посмртните останки од Филип Стевановски, директор на штипскиот Центар за култура и на Александар Коларов, кои настапуваа кобната вечер со ДНК, од 9 до 11 часот ќе бидат изложени во црквата „Св. Богородица“ во Ново Село, а погребите ќе се извршат во 11.30 часот на градските гробишта во Штип. Истовремено, посмртните останки од Александар Ефремов, ќе бидат изложени во црквата „Св. Троица“ во Штип.
Посмртните останки од младиот тапанар Ѓорги Ѓоргиев во 12 часот ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Струмица.
На масовниот погреб во Кочани ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, ќе има и неколку владици. Владата препорача во Кочани денеска да биде неработен ден.
Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите на Македонија повикаа сите екипи да го почитуваа кодексот на новинарите и да ја почитуваат приватноста на семејствата денеска. Владата вчера објави протокол до каде ќе биде пристапот за новинарските екипи. Снимање со дронови не е дозволено. Ова е најмасовниот погреб на жртви трагично загинати во несреќа во Македонија во последните 30 години. Сите беа млади луѓе и деца.
(В.И.И.)
Насловна фотографија: Тоше Огњанов





