Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со 55.000 американски долари ќе помогне да се усовршува стручниот кадар во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, соопшти институцијата. Комитетот на 44. сесија што се одржува во Фуџу, Кина денеска ја прифати апликацијата „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Rегион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј – Охрид“.
Целта на проектот е да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти. Тренинг-активностите ќе бидат посветени на неколку клучни аспекти во заштитата на културното наследство: дигитализација со примена на современи техники и технологии со стандардизирани процедури за инвентаризација на културното наследство, кои, пак, ќе бидат компатибилни со постојните системи на институцијата, како и со Националниот регистар за културно наследство.
– Особено важно е што со овој проект ќе се креира ГИС-платформа за недвижно културно наследство во Охридскиот Регион и нејзино користење – велат од Заводот и музеј од Охрид.
Во проектот за градење капацитети ќе бидат вклучени и експерти од други национални институции за заштита на културното наследство од нашата држава, кои се директно вклучени во управување со светското наследство. Проектот се реализира 18 месеци, а ќе бидат вклучени и експерти од Албанија.





