Во галеријата „Кунст депот“ деновиве беше отворена изложбата „Експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Ова е прво претставување на ДЛУМ со 47 македонски автори во Венеција.

На отворањето на изложбата имаше публика која со големо внимание ги проследи делата на учесниците. На наша голема чест и задоволство на отворањето присуствуваше Марина Аполонија, една од најпознатите живи легенди на италијанското современо сликарство, која во моментов има ретроспективна изложба во музејот „Пеги Гугенхајм“ во Венеција.

На изложбата се обратија Љупка Делева, уметница која живее и работи во Венеција, член на ДЛУМ, која активно соработуваше на проектот, претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ, Маја Рауник Кирков, Наташа Милованчев, член на уметничкиот совет на ДЛУМ, Аница Китаноска – добитничка на наградата за најдобар цртеж на изложбата ,,Експериментален цртеж” 2024 г. и конзулот на Македонија во Венеција, Фросина Ташевска Ременски.
Изложбата ќе биде поставена до 17 ноември.
Проектот е финансиран од Министерствтото за култура и туризам.







