Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола вчера додели признанија за студентска извонредност и сестраност. Манифестацијата беше целосно посветена на најдобрите студентите, оние кои се истакнале со труд и успех во своите академски, но и воннаставни и креативни активности. Доделени се награди во три категории на 43 студенти на прв циклус студии кои учествуваа на Конкурсот организиран од УКЛО во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина. Признанијата се доделени за исклучителни постигнувања, со што се потврдува заложбата на студентите за успех и напредок во академската и професионалната сфера.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски посочи дека доделените признанија претставуваат дополнителна потврда за значењето на високото образование и посветеноста на студентите кон својата академска и професионална иднина и посветеноста на УКЛО кон своите студенти, особено оние кои се истакнуваат со својот успех и ангажираност. Воедно, чинот е значаен и за Универзитетот бидејќи признавањата имаат важна улога во создавањето на позитивна и инспиративна атмосфера, која ги поттикнува студентите да се развиваат и да бидат успешни во своите професионални и лични патувања.
Наградите за Извонредност и сестраност во студирањето ги додели проректорката, Јасмина Буневска Талевска, додека проректорите, Цветко Андреески и Горан Илиќ врачија признанијата за категориите: Највисок просек во студирањето и Најдобар труд на годишната студентска конференција. Неподелени се мислењата дека „Студентската извонредност – сјајот на УКЛО“ е настан кој го истакнува потенцијалот и талентот на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и го афирмира вниманието на УКЛО кон важни аспекти што го подобруваат квалитетот на образованието и стимулираат личен и академски развој на студентите.

На седум студенти им се доделени сертификати за учество во специфични активности: работилници, обуки, проекти и курсеви реализирани во рамките на програмата КОЛОРС. При доделувањето, академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска колажно ги прикажа едногодишните активности на УКЛО во КОЛОРС, програма која има за цел да поттикне развој на иновации, мултикултурни вредности и соработка на глобално ниво.
Во рамки на манифестацијата, ректорот Неделковски на кинескиот в.д амбасадор, Ксу Леи му додели благодарница, а гостинот доби и пригодна колекција од УКЛО КОЛОРС.





