42 уметници се собраа да му го честитаат 90. роденден на учителот Родољуб Анастасов

Изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“ ќе биде отворена на 25 февруари, на денот на неговиот роденден, во Музејот на град Скопје во 20 часот

Четириесет и двајца уметници што имале привилегија учител да им биде големиот Родољуб Анастасов, предводник на ликовниот правец енформел во македонската уметност, во среда ќе го одбележат неговиот 90. роденден со изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“. Поставката ќе биде отворена на 25 февруари, на денот на неговиот роденден, во Музејот на град Скопје во 20 часот. Изложбата ја организира Здружението „Архифакт“ од Скопје во соработка со градскиот Музеј. Авторки на изложбата се Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска.

Тие ги поканиле сите студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од Факултетот за ликовна уметност (1980-2000 година) да се приклучат со свое дело на јубилејниот настан.

– Радоста со која уметниците ја прифатија поканата за одбележување на јубилејот – 90 години од раѓањето на „нивниот драг професор Љупчо“ можат да ја пренесат само тие самите. Но, фактот колку голем интерес покажаа уметниците, е дека првичната идеја да се соберат делата само на студентите од неговите сликарски класи, се покажа како неважна, бидејќи сакаа да се приклучат и студенти и магистранти кои само ги следеле неговите предавања, но и оние студенти, денес реномирани уметници кои животот ги однел речиси на другата страна на планетата. Па, така пристигнаа дела од Австралија, САД, Бугарија, Германија, Швајцарија … – велат авторките на изложбата.

Во поставката ќе бидат застапени дела од: Новица Трајковски, Катерина Апсотолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова-Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин, Станислава Шаровиќ, Страхил Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска-Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев.

– Сигурни сме дека некаде од небесата, се радуваат со нас и Димитар Младеновски, Јован Балов, Пепи Урошевиќ и Филип Блажевски, чии дела се дел од оваа изложба. Секој учител би посакал по безмалку 25 години од завршувањето на својата учителска кариера, да почувствува барем еднаш во својот живот ваква енергија и љубов како што возвратно ја имаат учениците на Анастасов кон него. Родољуб, вградувајќи бескрајно многу љубов во своите ученици и студенти, создаде одлични уметници и брилијантни луѓе, со што животната мисија на човекот и учител Анастасов е повеќе од успешна – велат авторките на изложбата.

Анастасов на Македонија ù подари околу 500 дела од целокупниот свој сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие. Сепак, велат организаторите, уште поголемо родољубие и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството е што со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но, исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици и студенти од Училиштето за применета уметност (1968 г.) и Факултетот за ликовни уметности, УКИМ во Скопје (1980-2000), каде предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии.

– Резултатот од многуслојната мисија на Анастасов низ образовниот процес на неговите студенти е денеска видлив токму на оваа изложба на која се претставени делата на 42 уметници.

Токму затоа на оваа изложба се собраа „Сите деца на Родољуб Анастасов“ за да ја слават човековата добрина преку уметноста, така како што ги научи „великиот Анастасов“ и да се заблагодарат на човекот кој ја вгради сета своја уметничка ука, човечка љубов и родителско внимание во генерациите кои минаа низ неговото даскалско ателје – велат авторките.

Изложбата ја поддржаа неколку општествено одговорни компании.

Сподели