4 бронзи за Македонија на олимпијадата по природни науки во Колумбија

Четири бронзени медали за Македонија освоија учениците на 19. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2022), која се одржа од 2 до 12 декември во Богота, Колумбија. Медалисти се: Искра Нечаковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, Теона Ана Георгиевска и Михаил Шапчески од приватното средно училиште „Јахја Кемал“ од Скопје и Даниел Христов од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип. На олимпијадата успешно се претставија и учениците Марко Серафимовски од „Јахја Кемал“ и Олег Трајковски од „Јосип Броз Тито“ од Битола.

Сите натпреварувачи се прва година, а беа предводени од како и на менторите проф. д-р Боце Митревски од Друштвото на физичарите на Македонија, проф, д-р Методија Најдоски од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и м-р Лозенка Иванова од Македонското биолошко друштво. Трите друштва го организираа учеството на Македонија која со свои ученици учествува на Олимпијадата од 2017 година.

Претставниците на трите друштва се им го честитаа големиот успех на учениците и се заблагодарија на сите што придонеле во организацијата на општинските, регионалните и државните натпревари по физика, хемија и биологија, на двата селекциони натпревари преку кои беше избран тимот.

– Покрај тоа, им благодариме на сите колеги од Институтите за физика, хемија и биологија кои одвоија значителен дел од своето слободно време и го посветија на подготовките кои се организираа од почетокот на септември до крајот на ноември во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје – велат од ДФРМ.

Македонските тимови што ја претставуваат нашата земја на научните олимпијади секоја година мака мачат да обезбедат котизација и пари за авиобилети, особено кога натпреварите се во подалечни земји. Затоа друштвата им се заблагодарија и на донаторите без кои учениците немаше да стигнат до натпреварот: семејствата на олимпијците, Агенцијата за млади и спорт (АМС) и опшествено-одговорните компании и лица „Мако маркет“ и „Европа“ од Скопје, „Витаминка“ од Прилеп, „Пекабеско“ од Кадино-Илинден, „Про транс диспеч“ и индустријата за текстил „Еам“ од Штип, „Интерворкс“ и РЕК од Битола и Зорица Јовановска.

Фото: ДФРМ

Сподели