25 писатели од девет земји на Регионална конференција на ПЕН центри во Охрид и Струга

Во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга денеска во 13 часот ќе се одржи книжевно читање. Настанот е во рамките на 20. Регионална конференција што ја организира Македонскиот ПЕН во Охрид и во Струга. На собирот учествуваат 25 писатели од девет ПЕН центри. Синоќа се одржа книжевно читање во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид.

Тема на годинашниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“. Писателите низ дијалог се обидуваат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција.

Излагањата од Симпозиумот се сосредоточени на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, за да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“

Во рамките на Конференцијата се одржа состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план.

Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот П.Е.Н. центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.

Регионална конференција се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам. Програмата во Струга е во соработка со Струшките вечери на поезијата.

Насловна фотографија: Википедија

Сподели