25 години посветени на уметноста – пат без долги паузи, но со многу премини, од истражување до зрелост

Пишуваат: Љубица Ангелкова и Сребра Ѓорѓијевска

Свесно одлучив во оваа изложба да не вклучувам дела од претходните творечки циклуси. Наместо ретроспективен пристап, избрав прочистена и симболична форма, (боја и текстура) преку која го заокружувам овој период, оставајќи ги веќе реализираните циклуси како можен материјал за некој иден јубилеј. За мене, „Апологија II“ не претставува крај, туку премин – тивка, но јасна најава за нови насоки, нови истражувања и нови визуелни прашања – вели уметницата Буба М. Солак.

Во современата уметност, каде што концептите за простор и време често се третираат како апстракции, Буба Мешкова Солак успева да ги трансформира во лични и универзални искуства. Својата фасцинација од просторот во последните години ја покажува низ проектот „Апологија на просторот”, таа постави нови прашања за односот на човекот со просторот, меморијата и себеоткривањето.

Вечерва Солак одбелeжува 25 години творештво со нова изложба што ќе биде поставена во Магазата „Апологија II – простор и време“ каде е гостинка на проектот „Моја инспирација“ на кустос Наде Геневска Брачиќ како дел од нејзиниот десетгодишен истражувачки проект.

Мешкова Солак зад себе има богата меѓународна кариера со самостојни изложби во Берлин, Истанбул, како и студиски престој во Париз. Нејзините дела се дел од приватни колекции на сите континенти, а преку нејзиниот уникатен визуелен јазик, таа постојано го предизвикува начинот на кој ја перцепираме уметноста.

25 години творештво беа повод за разговорот со уметницата Буба Мешкова Солак.

За каква изложба станува збор?

– Со изложбата „Апологија II – простор и време“ сум гостинка на проектот „Моја инспирација“ на кустосотНаде Геневска Брачиќ како дел од нејзиниот десетгодишен истражувачки проект. Овој проект се темели на систематска обработка на музејската колекција на народни носии и нивното значење како извор на инспирација во современата визуелна уметност. Преку овој проект, традициските мотиви, структури и симболики се трансформираат и реинтерпретираат во нов визуелен јазик, задржувајќи ја нивната суштинска културна меморија. Во текот на десет години беа вклучени многу гости автори, моднидизајнери, костимографи, наставници… Годинава се совпадна и бројка 25 години активно, посветено уметничко творештво, па со особена чест прифатив да бидам гостинка и да соработувам со Завод и Музеј Битола, а оваа изложба за мене претставува свесно и симболично заокружување на еден значаен творечки период, кој започна со дипломирањето и продолжи без прекин до денес, низ постојано учество во различни проекти, истражувања и изложбени циклуси.

Во текот на овие 25 години, мојата уметничка практика се развиваше низ различни медиуми и дисциплини: графика, сликарство, мозаик, текстил и други форми на визуелно изразување. Овој процес беше обележан со континуирано експериментирање, создавање авторски циклуси и отворање на различни тематски и визуелни прашања, кои се менуваа и надградуваа со текот на времето.  „Апологија II – простор и време“ претставува хронолошко и концепциско продолжение на минатогодишната изложба „Апологија I“ која природно се вклопи и ја отвори приказната што денес се продлабочува и дообјаснува. Двете изложби се поврзани не само по форма, туку и по идејна логика, како два сегмента од ист истражувачки процес.
Во овој контекст, „Апологија I“ и „Апологија II“ функционираат како дел од една поширока наративна и истражувачка целина, во која времето и просторот стануваат медиум за дијалог меѓу традицијата и современото визуелно размислување.
Свесно одлучив во оваа изложба да не вклучувам дела од претходните творечки циклуси. Наместо ретроспективен пристап, избрав прочистена и симболична форма, (боја и текстура) преку која го заокружувам овој период, оставајќи ги веќе реализираните циклуси како можен материјал за некој иден јубилеј. За мене, „Апологија II“ не претставува крај, туку премин – тивка, но јасна најава за нови насоки, нови истражувања и нови визуелни прашања.

Ако се свртите зад себе, каков ви беше патот како уметница во овие 25 години?

– Ако се свртам зад себе, патот во овие 25 години го доживувам како континуиран, динамичен и целосно посветен на уметноста. Започна уште пред формалното завршување на Академијата, преку средното уметничко образование и продолжи без прекин до денес. Тоа беше пат без долги паузи, но со многу премини – од истражување до зрелост, од експеримент до јасна авторска позиција.

Во тие години бев постојано активна на уметничката сцена, вклучена во бројни проекти, изложби во земјата и странство, ликовни колонии. Работев и надвор од класичните рамки на ликовната уметност – во соработка со моден дизајн, амбиентални решенија и уредување ентериери, интердисциплинарни проекти, експериментирајќи со различни техники и медиуми.

Паралелно со авторската практика, веќе 25 години сум и дел од образованието, што за мене никогаш не било одвоено од уметноста. Напротив, тоа искуство го продлабочи мојот однос кон процесот, истражувањето и одговорноста што ја носи творештвото. Гледано наназад, мојот пат не го доживувам како линија што води кон една точка, туку како жив процес – со постојано учење, менување и преиспитување. Денес чувствувам дека токму таа континуираност, посветеност и отвореност кон различни форми и контексти го дефинираат моето уметничко искуство.

Што би и’ кажале на Буба пред 25 години?

– Би ѝ кажала дека патот ќе биде напорен, но вреден, дека секоја вложена енергија дури и кога не се гледа веднаш ќе најде свое место би ѝ кажала да си го својот внатрешен ритам и да не брза да се докажувазатоа што континуитетот, посветеноста и љубопитноста ќе ја однесат подалеку од какво било краткорочно признание. И дека сите тие премини, сомнежи и експерименти ќе станат нејзина сила.

Вашата изложба „Апологија на просторот” – Стравот на времето, постоењето како казна – ја истражуваше интеракцијата меѓу темнината и светлината. Како ја доживувате симболиката на овие бои во контекст на човечката психа?

– Црната боја симболизира темнина – таа е огледало на општеството во кое живееме. Егоизмот, моралното раздвојување, нарцисоидноста, личниот интерес – сето тоа резултира со уништување и деструкција. Ние создаваме „црнила”, ние ги повторуваме истите грешки, а историјата постојано ни покажува дека не учиме од нив.  Но, како непоправлив оптимист, белата боја ја поставив во центарот на изложбата – како надеж дека свеста за создавање подобро утре ќе надвладее над темнината.

Публиката во Центарот за култура беше поканета да остави пораки на „белата патека”. Кој беше најнеочекуваниот или највпечатливиот запис што го забележавте?

-На 15-метарската бела патека, публиката остави пораки како:„И би светлина”, „Овде живее тешка ментална социјала”,  „Стравот ја убива креативноста”, „Те љубам на македонски”, „Сите сме заедно во ова”. Секој посетител беше поканет да го надополни концептот – не само како пасивен набљудувач, туку како активен учесник. Интересно е што сите ја испочитуваа идејата и дојдоа облечени во целосно црна облека, како што беше замислено. Тоа создаде моќен визуелен контраст помеѓу темнината на толпата и белината на патеката.
Некои пораки беа очекувани, други ме изненадија. Некои го разбираа концептот на свој начин – без стандарди, без правила. Публиката во Битола уште еднаш покажа дека знае, сака и може да биде дел од поинаков концепт, налик на сцените во Берлин и Њујорк.

Во вашите претходни дела, како „Life is a game, Art is life”, често користите концепти на игра и интеракција. Како играта влијае на вашето креативно изразување?

– Играта е основа на учењето и созревањето. Ние ја сретнуваме уште од детството, ја носиме низ целиот живот – но, прашањето е како ја прифаќаме? Дали ќе ја разбереме како предизвик? Кого ќе вклучиме во неа? Во моето творештво, играта не е само мотив – таа е метод. Ја вметнувам во изложбите, ја продолжувам со публиката, таа инспирира нови циклуси. Играта носи случајности, откритија и предизвици. Со секое ново дело, играта продолжува.

Како наградите „Борислав Траиковски” и „Димитар Аврамовски-Гуте” влијаеја на вашиот уметнички пат?

– Наградите секогаш носат радост, но и очекувања. За наградите често размислувам, дали тие се „терет” или поттик? Понекогаш мислам дека признанијата носат и притисок да останете „во рамките на очекуваното”. Но, наградите се мотив, особено кога доаѓаат од колеги кои ја валоризираат твојата работа. Но, поважно од признанието е искрениот дијалог со публиката. Во Македонија недостасува професионална критика, па затоа секој коментар – позитивен или негативен – ми е драгоцен. Понекогаш едно прашање од посетител ми дава повеќе инспирација од кое било признание.

Вашите дела беа изложувани низ целиот свет. Како различните културни средини влијаат на вашето творештво?

– Патувањата се клише кога се зборува за инспирација, но неизбежен факт кога станува збор за растот. Изложбите во Берлин, Истанбул, Софија, Париз и соработките со модни брендови во Дубаи, Катар и Кувајт ме научија дека треба да бидеш свој, но и да ја најдеш својата точка во глобалниот контекст. Работењето за луксузни хотели како St. Regis во Мароко или Бристол во Белград е уште еден начин да се предизвикаш и надминеш.

Жената како архетип на „Големата Мајка” беше централна во „Апологија на просторот”. Како ја поврзувате оваа симболика со денешното време?

– Во мојот концепт, Големата Мајка не е само мит, туку и филозофски концепт – симбол на создавање, континуитет и преобразба. Таа не е само фигура од минатото, туку вечна метафора за обновата, заштитата и силата што ја носи секој циклус на живот.  Денешното време го носи својот хаос, но и потребата за нов почеток, ново осмислување на системот, на општеството, на вредностите. Големата Мајка ја гледам како надеж – енергетски центар што го потсетува светот на суштината на создавањето.
Во Македонија, овој архетип сè уште е присутен, не само низ симболиката на историјата, туку и во начинот на кој нашето општество ја третира љубовта, семејството и колективниот дух. Уметноста ја користам како простор за враќање кон тие корени, но со визија за иднината.

Дали постои некој специфичен момент или настан во вашиот живот што ве насочи кон истражување на темите на простор, тишина и интроспекција во вашата уметност? Како ја одржувате свежината и иновативноста во вашето творештво, особено по долгогодишна успешна кариера?

– Верувам дека просторот не е само физичка категорија, туку и емоционално, психолошко и ментално поле, каде што постојано се одвиваат процеси на помнење, преиспитување и ослободување. Тој има способност да задржи енергија, да ја пренесува историјата и да носи емоции. Оваа фасцинација со просторот како медиум започна многу рано, кога почнав да го набљудувам начинот на кој одредени места можат да имаат моќно влијание врз нашето размислување и емоции.
Мислам дека поттик за ова во моето творештво беше и контрастот меѓу движечките, брзи, гласни средини на метрополите каде што престојував и тишината на интимните простори што ги создавав за себе. Јас сум и личност што сака да го анализира минатото – како што еден архитект гледа во просторот и го обликува, така и јас гледам во искуствата и се обидувам да ги претворам во нешто видливо и опипливо.

Во однос на свежината во творештвото – сметам дека инспирацијата не е нешто што доаѓа спонтано, туку нешто што се култивира. Јас постојано истражувам нови теми, ја следам еволуцијата на уметноста, но најмногу од сè – се трудам да останам искрена во тоа што го правам. Ако нешто не ми делува вистински, тогаш не ми е интересно.
Тука, голема улога игра и самиот процес на создавање – некои дела почнуваат како интуитивна потреба, но во текот на работата добиваат сосема нова насока. Оваа спонтаност и можност за откривање ми е важна, затоа што не сакам уметноста да ми стане само занает или механичко повторување на формули.
Просторот, тишината, интроспекцијата – тоа не се теми што „ги одбирам”, тие едноставно постојат во мене, и секој нов проект е начин да ги истражам одново и одново.

Во овој процес, голема улога имаат луѓето со кои соработувам, бидејќи уметноста, иако интимна, сепак е дијалог со другите. Имав привилегија на оваа изложба да соработувам со Д-р Весна Калпаковска и М-р Мирјана Крстева Массетти, кои преку своите аналитички и инспиративни текстови во каталогот го продлабочија дискурсот на изложбата. Нивните согледувања додадоа уште една димензија на концептот, отворајќи нови перспективи за тоа како го доживуваме просторот, уметноста и интроспекцијата.

Од друга страна, музиката на Алек Херцел беше суштински дел од амбиентот – неговиот сет не беше само аудитивна позадина, туку музичка архитектура што ја обликуваше атмосферата на просторот. Тоа е моментот кога уметноста станува целосно искуство – не само визуелно, туку и сензорно, психолошки и емотивно присутно.
И секако, сè ова немаше да биде исто без моите блиски пријатели, колеги и публика, кои со својата поддршка, реакција и учество ја претвораат уметноста во нешто што живее, се менува и се надградува.

Сподели