14 претстави на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“. Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски наградени за животно дело

Девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“. Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска денеска ја објави програмата за претстојниот фестивал. Собранието на фестивалот, на денешната средба ги избра и наградените за животно дело. Тоа се актерите Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски.

За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција, стои во експликацијата на Стојаноска.

Соња Михајлова

– За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани – стои во експликацијата.

Снежана Коневски – Руси

Гоце Тодоровски

Претстави во официјалната селекција се:

„12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар
„Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје
„Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар – Скопје
„Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар − Скопје
„Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар − Битола
„Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ − Прилеп
„Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ − Велес
„Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип
„Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје

Претстави од независна продукција:

„Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ − Скопје
„Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ − Скопје
„Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“
„Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ − Скопје
„Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ – Скопје

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

Собранието на фестивалот одлучи наградата за музика од годинешното издание да се вика „Филип Стевановски“, во чест на музичарот кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани.

Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.

-Создадовме „Музеј во движење” или „Прилеп во фокус“, поточно ќе го презентираме придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите овие театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност на фестивалот, која не би се ограничила само на деновите кога фестивалот е најактивен, во јуни секоја година, туку дека треба да биде активност која ќе се случува постојано во текот на целата година. Во контекст на нашето мото „Смеј се и осмели се”, овие тројца театарски уметници од Прилеп и се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – вели Стојаноска.

Сподели