Во школото „Јахја Кемал“ вo Тетово денеска во 10 часот ќе се одржи натпреварот за едукативна роботика, наменет за деца на возраст од 6 до 10 години – FIRST LEGO League Explore (FLLE), за кој регионален партнер е „Академија за роботика и иновации“ од Скопје. Натпреварот по втор пат се одржува во Македонија, а ќе учествуваат 12 тимови од Скопје, Кочани и од Тетово.
Учесниците ќе работат на денешните глобални предизвици поврзани со целите за оддржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување на прифатлива, сигурна, оддржлива и модерна енергија за сите.
– Учесниците ќе треба да идентификуваат проблем поврзан со темата, со кој реално се соочуваат луѓето, да предложат решение преку создавање на иновативен постер, да покажат меѓусебна почит и да ги презентираат основните човечки вештини кои се неопходни за постигнување на заеднички цели. Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и испрограмираат робот и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја – велат организаторите.
Во согласност со постигнатите резултати, тимовите ќе бидат наградувани во категориите: Победник на турнир, Основни вредности, Решение на предизвик, Програмирање, Постер и Тим.
FIRST LEGO лигата како меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во над 100 земји со над 600.000 деца и млади од целиот свет кои работат заедно со нивните ментори, ја вбројува и нашата земја. Целта е да ги инспирира учесниците да истражуваат во STEM областите, како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми и да создадат подобра иднина за себе и за другите. За време на подготовките, учесниците се стекнуваат со вештини и способности неопходни за животот на 21 век, вклучувајќи ја креативноста, љубопитноста, критичкото и претприемничкото размислување, тимскиот дух, емпатија, самодоверба, комуникација и почит. Тимовите работат на подготовките во текот на целата година за да го покажат своето знаење на националниот натпревар кој се оддржува еден пат во годината. Во тек е пријавување на тимови од деца и млади на возраст од 6 до 10 и од 9 до 16 години од нашата земја за идната година.





