Трајче Чатмов: Сликите се вентилот низ кој дишев за време на изолацијата

Пишува: Александра Јуруковска

Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва, во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Интимно понирање“

„Интимно понирање“ е насловот на изложбата на слики од Трајче Чатмов која вечерва, во 19.30 часот ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Тој ќе се претстави со циклус од триесетина дела, главно работени во техника акрил на платно во последните две години.

– Атмосферата со која сите сме соочени, верувам дека посебно кај уметниците ја исфрли на површина таа егоцентрична емпатија за која и не сме во суштина свесни. Така осознавајќи се опкружен со до дотогаш невидена тишина, ти останува единствено да се впуштиш во едно интимно понирање колку е можно подлабоко во себеси. И искрено ова е вистински предизвик за секого, затоа што најтешко е себеси да си погледнеш во очи. Во суштина овие слики (без разлика на темите и насловите) се тој вентил низ кој дишев во времето на оние огромни полициски часови и изолации – вели Чатмов.

Роден е во 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професор Рубенс Корубин. Магистрирал на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов. Своето прво самостојно излагање Чатмов го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата во Охрид во 1997 година во рамките на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар. Има реализирано десетина самостојни изложби, а учествувал на исто толку групни изложби дома и во странство. Покрај сликарството се занимава и со фотографија , анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8год – најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“.

Фото: Елена Чатмова

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели