Прваците Дуња Ивановa и Љубиша Кондев од велосипедксиот клуб „Енерџи“ се првиот македонски тим што го освои исклучителниот предизвик за планински велосипедизам „4 Острови“ што се одржа во Хрватска. Под водство на тренерот Дејан Новковски, тие за вкупно време од 16 часа и 46 минути ги поминаа исклучително тешките патеки низ островите Крк, Раб, Црес и Лошињ. За пет дена поминаа околу 260 километри со вкупна елевација од 5000 метри.

Постигнаа 9. место во генералниот пласман во категорија со исклучителни возачи како Тања Жакељ и Урбан Ференчак (Unior Sinter), Јосеф Хладик и Катарина Дрхова (Ceska sporitelna), Џани Симчиќ и Миа Радотиќ (Giant), Томас Каталениќ и Кристина Лукачевиќ (Rog Joma&Continental).
– Нашиот тим со исклучителна умешност и динамика ги совлада немилосрдните искачувања, брзите спустови и карпести премини, преку серпентини со остри завои и бескрајни камени предели, технички и диви предизвици. „4 Острови“ не е трка за секого. Она што се шепотеше помеѓу натпреварувачите на 99 тимови на годинешното издание е неопходната физичка подготовка, сила, храброст и умешност на сите нивоа, но и силна ментална цврстина која ќе ве донесе до целта. Ние успеавме – велат од „Енерџи“.

Дуња Иванова и Љубиша Кондев се македонски прваци во планински велосипедизам. Предизвикот „4 Острови“ е една од најзначајните светски етапни трки во планински велосипедизам, класифицирана како S1 категорија според Интернационалниот сојуз за велосипедисзам (UCI). Кондев е актуелен и повеќегодишен државен првак во планински велосипедизам во Македонија, познат по бројните титули освоени на натпреварите организирани во Словенија, Хрватска, Грција, Србија, Бугарија, Турција, Италија. Тој е еден од првите Македонци евидентиран на ранг листата на UCI и тренер по велосипедизам со сертификат UCI Level 2. Иванова е актуелен државен првак во планински велосипедизам, како и во категориите друмско-ридски, хронометар и велокрос.

Фотографии: ВК „Енерџи“





