Богат ќе биде „Звукот на Скопје“ на 9 јули пред КИЦ

Фестивалот „Звукот на Скопје“ ќе се одржи на 9 јули со богата музичка програма. Прв ќе настапат Филип Шурбевски Езгија квартет во 19.30 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Истовремено во изложбениот салон Империјал 2 ќе биде промовирана книгата „Наследство: Кoшмари“ од Јордан Коцевски, а ќе биде отворен и мини саем на книги.

Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. „Звукот на Скопје“ не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот.  Оваа година, на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер.

Во Кулпарк, пред КИЦ од 21.30 часот ќе следуваат концерти на Мартин Џорлев и на групата „Педро Хоризонте“. Претходно во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Резови“ на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски.

Филип Шурбевски Езгија квартет е вокално-инструментален состав кој ја негува македонската традиционална чалгиска музика. Иако овој стил на изразување е во изумирање, овој музички состав сака да ја врати македонската чалгија што во извесен период беше заборавена, а е карактеристичен и претпознатлив белег на макдонската музика низ вековите која живеела на овие простори. Во репертоарот има застапено македонскии песни и ора во звукот на македонската чалгија. Од инструменти застапени се виолина, кларинет, џумбуш, ут, тарабука, деф и дајре, карактеристични чалгиски инструменти. Членовите на овој состав се професионални музичари со големо сценско искуство и со голем број на настапи во земјата и надвор од неа.

„Педро Хоризонте“ е бенд кој потекнува од Скопје и започна со работа од 2019 година во почетна постава – Петар Младеновски (вокал, бас) и Гога Поп Георгиевски (гитара и вокал) и Владимир Митревски (тапани), кои се и актуелни членови на бендот. Се работи за искусни многу познати музичари кои свиреле во други проекти и бендови како Суперхикс, Лилит, Но нејм нејшн, Поинт Бленк, а започнаа со проби и компонирање песни во периодот 2020-2025 година. Во периодот 2019-2021 година ги снимија своите први песни во студиото на Дени Крстев наречено СТУДИО 1060, а откако настапија на неколку фестивали и клубски свирки во Скопје во периодот 2022-2024 (Добра Идеја фестивал, Земјотрес фестивал, Октомвриски музички поход 2023), го издадоа и деби албумот „Паранормални мегахитов“ (distrokid rec) во мај 2025 година. Концертната промоција се случи пред 100 нивни драги обожаватели и пријатели во клубот Лабораториум. На „Звукот на Скопје“, „Педро Хоризонте“ ќе го отсвират своето деби „Паранормални мегахитов“.

Мултиталентираниот Мартин Џорлев е име кое најчесто се поврзува со неверојатниот локален и регионален успех на инди-рок/пост-панк бендот Луфтханса. Но тој во македонскиот креативен простор се појавува и како дел од повеќе бендови и проекти, меѓу кои Zulu 3.4, соло-проектот Стој, После!, (точка) ком… Презимето Џорлев е врежано во нашата културна свест како доминантна асоцијација на музичка вредност, а Мартин не само што ја оправдува асоцијацијата, туку со уметничка независност го освојува просторот на алтернативната музичка сцена. Неговиот соло настап на „Звукот на Скопје“ ќе биде нешто сосема поинакво. Ќе свири на електрична гитара, пијано, електроника и вокали. Никој освен Мартин (а можеби ни тој самиот целосно) не знае како тоа ќе звучи. Настапот би бил една форма на јавно самоистражување.

Amplidyne Effect е музички проект на Мартин Георгиевски од Скопје, кој низ годините е препознатлив по експериментални, амбиентални и изведби на импровизирана музика, со бројни настапи во земјава и странство. За овој настан, Amplidyne Effect ќе се претстави во поинакво светло — со специјален Deep House / Afro House DJ сет. Мартин има настапувано на фестивали како Skopje Jazz Festival, Pohoda Festival (Словачка), PNEM SoundArt Festival (Холандија), D Festival, Philosophical Film Festival, и многу други. Зад себе има обемна дискографија со повеќе од 30 изданија на етикети како Transonic Records, Sharla Records, Shimmering Moods, Attenuation Circuit и други.

„Резови“ претставува изложба која поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност. Истражувајќи ги особините и можностите на бојата како ликовен медиум – нејзината вискозност, флуидност и пастуозност, Стефан Анчевски создава слободни отворени и шаховски композииции во кои е присутна хармонија по аналогија. Во одредени композиции преовладува спонтан пристап и употреба на бојата, каде доаѓа до израз нејзината вискозност и флуидност. Динамичните контурни линии во слободните асоцијативни апстракции на Марјан Стојаноски откриваат експресивен потег со брз и енергичен набој. Во неговите сликарски творби контрастната игра на линиите со различни карактерни обележја (нежни и груби, меки и цврсти, разиграни и крути) и акцентираните боени површини го предводат визуелниот наратив и семиотички дијалог, непосредно изразувајќи ја личната богата имагинативност и сензибилност. Со различни комбинации уметникот создава апстрактни композиции со асиметрична рамнотежа.

Сподели