Лондон, Кeмбриџ, Париз и Москва биле важни центри за развојот на македонската мисла уште пред 70 години
Пишува: Иван Антоновски
Годинава, кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, преку текстовите и настапите на неговите ученици и следбеници се осознаваат непознати и помалку познати детали за неговото дело, што уште еднаш потврдуваат дека тој е најмаркантната фигура во македонската култура.
На тркалезната маса „Конески – мост меѓу македонските и руските слависти“, во организација на Рускиот центар и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, еден од говорниците коишто фрлија нова светлина на проучувањето на ликот и делото на најголемото име на македонската култура на 20 век беше Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот и професорка по современа македонска книжевност.
– Уште од далечната 1950 година, започнува една поширока акција со која македонската мисла стапува во контакт со светот и светската славистичка научна мисла. Меѓу првите, како што се сеќава самиот Конески, е професорот од Лондон, Реџиналд Де Бреј кој прв го вклучува македонскиот јазик во својот учебник за словенски јазици. Овој негов учебник потоа станува стандарден учебник по славистика за англоамериканските универзитети. На ова искуство се надоврзуваат и оние на професорот Валентин Кипарски од Хелсинки, и особено на Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет во Кембриџ (САД) – вели Мојсова-Чепишевска.

проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска (фото: фестивал „Литера“)
Капитални дела за македонските дијалекти објавени во Париз
Таа додава дека и пред овој бран на странски слависти, имало слависти и од порано што се интересирале за македонскиот јазик и коишто биле поблиску запознати со македонската социолингвистичка ситуација. А еден таков значаен центар бил токму Париз каде во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено некои капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознаваат со народните говори во Леринско и во Костурско, објаснува таа.
Мојсова-Чепишевска појаснува дека сета оваа мала историја почнува да се надоврзува и историјата за она што доаѓа од тогашниот Советски сојуз.
– Афанасиј Матвеевич Селишчев за самата македонистика е значаен зашто меѓу своите ученици го разбудил интересот за македонската дијалектологија и за целокупната лингвистичка ситуација во Македонија. Она што треба посебно да се истакне е дека организирал и курс специјално за македонскиот јазик на Универзитетот во Москва, непосредно пред Втората светска војна. И потоа, во советската енциклопедија од 1939 година, од перото на неговиот ученик Самуил Борисович Бернштејн, излегува статија за македонскиот јазик како за посебен јазик. Со неговото име се врзува и таа мистериозна „Граматика на македонскиот јазик“, напишана во 1946-47 година, која се сметала за исчезната нешто повеќе од 70 години, а ја пронаоѓа јапонскиот славист Мотоки Номачи. Така што ова потврдува само едно, дека и таму, во СССР, како што истакнува Конески, имало подготовка да се прими новата реалност.“ – споделува професорката.
Но, од друга страна, Конески имал и лично познанство со славниот професор Роман Јакобсон со кого лично се запознал на меѓународниот славистички состанок во Белград во далечната 1954 година. Иако Јакобсон не се интересирал за македонскиот јазик, сепак, бил упатен во сè што се случувало околу македонскиот јазик.
Еве го сведоштвото на Конески за таа нивна средба:
„Тој ми пристапи со еден многу интересен предлог. Ми рече: Дали би сакале мојот реферат да го преведете на македонски. Јас да го читам на македонски на состанокот. Во разговорот сфатив дека тој бил во дилема на кој јазик да настапи. Дали на англиски или на руски. На англиски да настапи поради тоа што веќе беше професор во Америка. Но, чувствувал незгода да не зборува руски поради тоа што е познат руски интелектуалец. И, во таа дилема, како човек со жива фантазија, дошол на мислата дека излезот е во тоа да му го преведам јас текстот на македонски и тој да го чита и со тоа да направи впечаток, а едновремено да ја избегне оваа ситуација, оваа дилема. Но јас го разуверив. Реков дека тоа сепак ќе се прими прилично чудно и со резерва. И, после, кога дојде редот на неговиот реферат, тој кажа една-две реченици на англиски и продолжи на руски јазик.“ (Конески цитиран според Цане Андреевски, 2020: 179).
Мојсова-Чепишевска, навраќајќи се и на историјата на Меѓународниот семинар, потсетува на плејадата руски слависти блиски на македонистика и блиски на Конески и на Бернштејн, но секако и на професорката Рина Павловна Усикова, долгогодишна учесничка и на летните школи и на меѓународните научни коференции одржани во рамките на Меѓународниот семинар во Охрид.
– Од нејзината капа излегоа многу македонисти и семинаристи, истражувачи и проучувачи на македонскиот јазик, литература и култура. Така, како што Конески зрачи преку нас, неговите ученици, така и Усикова зрачи преку своите ученици. И мостот што ги поврзува македонските и руските слависти станува уште поцврст.“ – вели професорката.
Конески: Ние добро се поставувавме, затоа што не бевме агресивни
И покрај тоа што македонистиката имала и има толку многу пријатели и вистински проследувачи и проучувачи на македонскиот јазик во европската и светската славистика, и посебно во руската славистика, мора да признаеме дека имало и напади, како што, за жал, има сè уште. И тоа, како што вели самиот Конески, само од страна на бугарските слависти.

„Разговори со Конески“ беше реиздадена лани
Во разговорите со Цане Андреевски, Конески вели: „По мое мислење ние добро се поставувавме, затоа што не бевме агресивни. И со тоа ние добивме поени.“ Зашто „Ниту некој ќе биде фасциниран од тоа што некој ќе продава од меѓународна трибина висока македонска национална свест. Таму се гледа што кажуваш, дали донесуваш некакви научни резултати. Дали си доволно исшлифуван да комуницираш со луѓето, како што се очекува од образован човек. Дали умееш да создаваш пријателство?“, поентира Конески.
На почетокот на годинава се одржа и Првата зимска школа во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ посветена на великиот Конески. На неа учествуваа дури 50-тина учесници од 15 земји. Активностите продолжуваат со зборник од Зимската школа. Во него, новите имиња на славистиката ќе дадат вистински придонес со своите преводи на песни и раскази од Конески, а ќе бидат објавени и сеќавања од странски слависти – современици на Конески.
Не само по поводот 100 години од неговото раѓање, сите ние некогашни студенти или студенти на неговите студенти, треба постојано да му се оддолжуваме на великиот Конески, завршува Мојсова-Чепишевска.

Портрет на Конески од Данчо Кал’чев





