По пет години активна работа и промоција на македонската џез сцена, Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) отвори своја издавачка куќа – „ЗЏМ Рекордс“. Првото издание е насловено Dzijan Emin & Magical Orchestra – Live in Ohrid, албум снимен во живо на концертот во Антички театар во 2019 година. Промоцијата е закажана за 21 април на сите дигитални аудиостриминг провајдери. Потоа ќе следи и промоција на печатеното издание.
Диригент на албумот е Џијан Емин, а Магичниот оркестар е составен од Биг бендот на членови на ЗЏМ и гудачи од Македонската филхармонија.
– Емин веќе извесен период работи со овој состав, повторно правејќи храбра и не така типична комбинација на музички состави, комбинирајќи ја строгоста на оркестарската изведба со отвореноста на џез изразот, зачинето со суптилна електроника, и секако обоено со уникатноста на неговата маркантна појава и личност – велат од ЗЏМ.
Тие се децидни дека преку оваа дејност дополнително ќе се залагаат за афирмација на џез музичарите од земјава и регионот. Во изминатите пет години ЗЏМ организираше многу манифестации и концерти. Тие постојано апелираат дека им е неопходна помош од институциите, најмногу од Министерството за култура. Потребен им е простор за вежбање, салите кои се дел од капацитетите на државата. Музичарите нагласуваат дека во подигнувањето на свеста за џез музиката мора да се вклучат и медиумите преку сериозни емисии и дебати.





