Споменици на културата: По што е уникатна Султанмуратовата џамија во Скопје?

Султанмуратовата џамија се наоѓа наспроти Бит-пазар, помеѓу поликлиниката и комплексот факултети. Според архитектонските облежја има базиликална форма. Проф. д-р Драги Георгиев, научен советник во Институтот за национална историја и дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, пишува дека ова е единствената султанска задужбина во Скопје.
– Ја подигнал султанот Мурат Втори во 1436/1437 година. Поради султанското ктиторство, позната е како Хјунќар џамија, односно Царска или Султанска џамија, но и како Саат-џамија, бидејќи е сместена во близина на Саат-кулата. Воедно, таа е најстара зачувана џамија на Балканот – објаснува Георгив во својот текст на kum.mk.

На целата северозападна страна има трем отворен само од предната страна, потпрен на четири камени столба со богато декорирани капители. Високото минаре е изработено од камен, со впечатлива сталактитна декоративнa обработка на шерефето. Ѕидната декорација датира од 18 век и ги содржи карактеристиките на османлиската традиционална декорација со растителни мотиви во внатрешноста на објектот. Ѕидното сликарство на џамијата припаѓа на различни временски периоди, што подразбира и користење различни материјали и техники.

Комплексот на Султанмуратовата џамија, покрај џамијата, го сочинуваат и затвореното турбе на Бикиј-хан (1556/1557), отвореното турбе на Али-паша од Дегестан (1774), гробот на Бејхан-султан и Саат-кулата. Покрај овие споменици, околу двете турбиња се наоѓа и некропола. Општоприфатено е мислењето дека Султанмуратовата џамија и Саат-кулата се подигнати на местото на познатиот скопска средновековна црква „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“.

Саат-кулата едно од најпознатите споменични облежја од османлискиот период е изградена помеѓу 1566 и 1573 година. Часовникот и мајсторот за одржување биле донесени од унгарскиот град Сигет.
„Кулата претрпела оштетувања за време на пожарот од 1689 година, но била реставрирана дури во 1902/1903 година. Тогаш горниот дрвен дел бил заменет со солунска печена тула, со што го добила денешниот изглед. Бил поставен и нов часовник донесен од Швајцарија, но старото ѕвоно било задржано. За време на земјотресот од 1963 година кулата била значително оштетена, а механизмот на часовникот бил изгубен, па нов часовник е поставен во 2008 година“, вели Георгиев.

Извор: kum.mk

Фотографии: Википедија 

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели