Наташа Андонова: Денес е неопходно секој уметник да го владее дигиталниот медиум

За среќа ликовната сцена опстојува и во вакви услови на пандемија, имавме можност да видиме одлични изожби во Скопје

Пишува: Александра Јуруковска

Во секој медиум откривате новини кои ги нема на некое друго место. Како самиот медиум да си говори на свој јазик, а на вас останува да го скротите и да проговорите, вели Наташа Андонова, мултимедијален уметник. Неодамна во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје во соработка со CreArt ја реазлизираше својата изложба „Помеѓу сонот и зборот“. Вели дека испирацијата за оваа поставка била интуитивна и спонтана како моментално тежнеење кое одговарало на прашањата што ја засегаат како уметник и човек.

Андонова дипломирала и магистрирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 2002 година е членка на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а во 2006 година била на студиски престој во Париз, Франција. Своите дела ги изложувала на самостојни и групни изложби во Македонија и во странство. Авторка е на костимографија за десетина театарски проекти и имала бројни ангажмани како асистент-костимограф. Работела на филмски проекти како костимограф, сториборд автор, асистент-костимограф, аниматор, илустратор. Во последните години активно работи 2-Д анимација. Добитничка е на повеќе награди.

Како ја направивте првичната селекција на книги и бајки за деца кои Ве инспирираа за последната изложба „Помеѓу зборот и сонот“?

– Тргнав од прашањето кое ме засега: слободата на избор, излегување од познатата зона, храброста да се соочиш со промените, волјата да се надмине некое ограничување и страв, потрагата по вистинското јас, поединецот наспроти нормите на неговото опкружување. Конечно – триумфот на доброто и љубовта. Истовремено, сета убавина на зборот, неговата магичност, така мајсторски вешта во многу дела кои се врежале во моето помнење: Алиса во Земјата на чудата (Л. Керол), Ние (Замјатин), Засекогаш Војна (Џ. Халдеман), расказите на Дино Буцати, Итало Калвино, Славко Јаневски (Страшна ноќ, Шеќерна приказна), Руските бајки, влијанието на стрипот и фантастичните автори како Мобиус (Инкал), А. Ходоровски (Сагата за Метабароните).

Своето творечко љубопитство го искажувате во повеќе медиуми и сфери. Каде се чувствувате најсвоја, во цртежот, анимацијата, костимографијата?

– Во секој медиум откривате новини кои ги нема на некое друго место. Како самиот медиум да си говори на свој јазик (кој се учи постепено), или диктира едно или друго. На вас останува да го скротите и да проговорите. Сите се еднаков предизвик, дали е тоа молив, акварел или тродимензионален костим. Иако сакам тактилно да ги чувствувам материјалите, (како хартијата) и да се замачкам со боја по рацете, денес е неопходно секој уметник да го владее дигиталниот медиум и да погледне во иднината. Како фаворити ги издвојувам акварелот и цртачката техниката јаглен.

Наташа Андонова

Велат дека изолацијата е иманентна потреба на креативците. Како влијаеше на Вас наметнатата изолација од пандемијата?

– Секако интроспективно и имам чувство дека сите го користат тоа време да си ги средат мислите, да застанат и да размислат каква корист можат да извлечат од ситуацијата, да ја претворат во придобвка – во нешто полезно и добро за својата иднина.

Како ја оценувате македонската ликовна и воопшто културна сцена во моментов?

– За среќа ликовната сцена опстојува и во вакви услови на пандемија. Имавме можност да ги видиме изожбите на дела од Решат Амети, Димитар Кондовски – особено убаво презентирано импозантото творештво на илустрации, Антони Мазнески, Милчо Манчевски, Јован Шумковски, Групни изложби во МСУ (Се што ни е заедничко)… и други автори и изложби, меѓу кои и проектот CreArt, кој им овозможи на многу македонски уметници да се претстават пред македонската публика и надвор. За жал ни недостигаат (мене и на моите пријатели) концертите на Македонската Филхармонија, па и оние детските и новогодишните, како и тематските, кои го обележуваа нашиов град со еден дух на светска метропола. Ми недостига и одењето во театар, особено во Театарот за деца и младинци, бидејќи е навистина посебно чувството кога децата се публика.

Што следите и што Ве инспирира од светските тенденции и автори?

– Ме одушевуваат Сун Шјун, кинески сликар, аниматор, филмски автор и графчар, јужноафриканскиот мултимедијален уметник Вилијам Кентриџ и швајцарскиот автор Марк Бауер. Сите овие автори ја користат традиционаланата техника на цртеж, графика-линорез и ја имлемантираат во анимацијата, видеото, перформансот, театарот, со што даваат нов котекст во галерискоит простор. И секако, да не ја зборавиме ликовната библија на Рембрант, Ван Гог, Дирер, Ешер, Жан Жиро. Тука е и стрипот како форма, веќе штом го спомнав Мобиус, и авторите кои ги сакам- современите стрип цртачи – Хуанхо Гуарнидо, Мари Помпиј, Себастиен Косе-Кераское, Сирил Педроса, Емануел Лепаж…

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели