Подготвиле: Александра Јуруковска и Сребра Ѓорѓијевска
Стихови на Маџиров и досега биле инспирација за музичари да направат мелодии
Песната „Окото“ на нашиот поет со светска кариера Никола Маџиров доби музичка мелодија The Eye, што ја изведува Бека Стивенс заедно со The Secret Trio, каде што членува и нашиот Исмаил Лумановски. Станува збор за прв сингл од албумот што треба да се појави есенва. Стивенс годинава е номинирана за престижните „Греми“ награди. Автор на музиката е Мајкл Лиг, основач на групата Snarky Puppy, што веќе добила неколку „Греми“ награди, меѓу кои и годинашната за најдобар инструментален албум.
Стивенс се појавува и како коавтор на песната. Таа е позната и по своите џез-поп-рок соработки со Snarky Puppy, со рок-ветеранот Дејвид Крозби од „Крозби, Стилс, Неш & Јанг“, како и со современиот музички гениј Џејкоб Колиер, исто така годинашен добитник на „Греми“ за најдобар инструментален аранжман.
Маџиров за Умно.мк ја раскажува приказната како се случи соработката.
– Бека Стивенс на сајтот на британското списание „Modern Poetry in Translation“ напиша дека ја нашла песната „Окото“ во препев на англиски јазик, и како што таа спомна во еден разговор, стиховите природно се вклопиле во сентиментот, бојата и атмосферата на мелодијата на Мајкл Лиг, којашто ѝ ја испратил пред извесно време – вели нашиот поет.
Ова не е прв случај стихови на Маџиров да бидат инспирација за музичари од нив да направат песни. Така беше случајот со американскиот џез музичар Оливер Лејк (соработник на Бјорк и Лу Рид), на италијанскиот композитор на класична музика Анџело Инглезе во изведба на Благој Нацоски, на неколку германски композитори на современа и оперска музика, како и на џез пијанистoт Гордан Спасовски, кој ги оживеа стиховите од песната „Надвор од времето“ на неговиот актуелен албум Light Pillar.
Како што постојат празни места во периодниот систем на елементите, така верувам дека за секој стих постои неиспишана нота или за секоја нота некаде постои неизговорен збор, вели Маџиров.
– Лу Рид компонираше врз стихови на Едгар Алан По, Хектор Зазу со Дејвид Силвијан ги оживуваа стиховите на Рембо, а Филип Глас ја компонираше „Книгата на копнежот“ врз зборовите и гласот на Леонард Коен. Во македонскиот фолклор речиси и да не постои граница помеѓу стихот и музиката и затоа тие се слеваат во еден збор — песна. Преведувањето поезија, во битот на македонскиот јазик е препејување, односно да се испее стихот одново. Книгата не го завршува својот живот меѓу кориците или со дебелиот прав врз нив. Тие стануваат нечие сеќавање или животен глас, или музика, филм, слика… Така, и сликите можат да избегаaт надвор од рамките на ѕидот и да влезат во стихови или филм. Сергеј Ејзенштајн ја учеше монтажата токму од сликовната динамика на источните идеограми и поетски форми, како што е хаикуто. Композиторот Арво Парт нотите ги гледа обликувани како солзи, а во источните идеограми солзата односно плачот се претставени како сликовна симбиоза на вода и око. Така верувам дека песната „Окото“, односно The Eye, дојде како непредвидливо затворање на еден круг на слични сензибилитети и азбуки на размислувањето – вели Маџиров.
Тој објаснува дека и пред соработката, ги слушал песните на Лиг и Snarky Puppy. За Маџиров е посебна радост што „во оваа приказна на препознавања во отсуство и далечини, се и The Secret Trio со Лумановски.
– Заедно со Мајкл и Бека, го отворија небото каде стиховите живеат уште пред да станат зборови — во ритмите и тишината. Не знаев ништо за целиот тој процес, за тоа семе на соединувањето на зборот со звукот, а демо-снимката стаса до мене во мигот кога учев поторно да дишам по долгата и исцрпувачка битка со ковидот – споделува Маџиров.
На прашањето каква била неговата реакција кога прв пат ја слушнал песната, тој вели: „Во тие мигови, вистински го отворав едното око на животот. Не можав да замислам поубав подарок на универзумот во миговите на повторното физичко и животно раѓање по денови и денови поминати меѓу немите болнички ѕидови и будните гласови на докторите“.
– Песната The Eye завршува со стиховите „Во дланките чувам дом – / соба за молитви во болнички двор.“ Верувам во будење пред отворање на очите, верувам да ја слушнев мелодијата пред да ја напишам песната, би ги напишал истите стихови. Осаменоста и тогаш нема да избега. Еден стих на Роберт Фрост кажува: „да се биде социјален, значи да се простува“, а поетот треба да научи да си ја прости осаменоста – вели Маџиров.

Маџиров заедно со Арво Парт во Естонија (2020)
Како пандемијата се одрази на неговиот живот како поет, со оглед на тоа дека честите фестивалски патувања повеќе од една година се сведени на минимум.
– Патувањето постои и без далечините. Не зборувам за „внатрешни патувања“, за принудни повлекувања во себе како желки во оклоп пред сенката на ловецот, туку за тоа дека секое вистинско патување е поттикнато од нагонот за блискост кон некого или кон нешто. Првин мислев дека патувам за да бегам, да го продолжам историскиот нагон на предците бегалци од војни, но доцна разбрав дека патувам за да се доближам до јазикот на светот или до светот на јазикот и зборот, до неговата тишина и тежина што тој ја носи. Австриската поетеса Илзе Ајхингер велеше: „Да се пишува, е да се учи како да се умре.“ Денес е најголем предизвик да се умре во местото каде што се раѓаме. Живееме со мислата преку океани и историски граници, а пред да заспиеме телото ни патува низ просторите на кои се сеќаваме. Збигњев Херберт во една своја песна напиша: „заспиваме / со едната рака под главата / а со другата во могилата на планетите.“ Растојанието од првата стапка на детството до гробовите надвор од мајчиниот јазик, е новиот и иден археолошки сведок за номадизмот поттикнат од грубата сегашност. Пандемијата во мене го внесе гласот на смиреност и сомнежот за постојана припадност, и покрај тоа што вирусот одамна го напушти моето тело, како тивок бегалец кој се плаши од сеќавања – вели Маџиров.
OKOTO
на Васко Попа
Отвори го едното око –
хоризонтот е во затвореното.
Отвори ја школката –
осаменоста нема да избега.
Камењата на дното го пијат времето,
мртвите риби пливаат кон сонцето.
Отвори го едното око.
Светот е младо дрво на градилиште,
прозорците се реки на нашата несигурност.
Отвори го небото.
Во дланките чувам дом –
соба за молитви во болнички двор.





