Книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња (културолошки ставови и искуства)“ од Весна Дамчевска ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Изданието е на „Антолог“, а ќе го промовира Александар Прокопиев. Весна Дамчевска е новинарка од областа на културата повеќе од две децении.
Во книгата е направен избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години и објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и страниците за култура и прилогот „Лик“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Преобјавени се хронолошки, од најновите до најстарите заради подобро разбирање на некои теми што се поврзани со одредени настани и поводи.

Весна Дамчевска
Иако темите опфатени во оваа книга се однесуваат на невеселата сегашност, таа не форсира одреден поглед на светот, но секако испраќа порака зошто уметноста и културата како документација на една временска епоха треба да се сфатат сериозно. Насловот на книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ (преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност) е алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме денес, вели авторката Дамчевска.
-Ова можеби е момент кога треба да застанеме и да преиспитаме некои референтни поими: расата, родот, уметноста и културата, филмот и литературата, медиумите и технологијата, како и прашањата на слободата и стравот, популарноста и вредностите, како клучни обележја на денешницата. Овие колумни, освен што се критика на некои сѐ уште неразрешени егзистенцијални прашања, поттикнуваат на потребата од конструктивен дијалог и проширување на менталниот и духовниот капацитет да се види светот како што не се гледал досега со цел тој да се промени. Книгата на посреден начин е своевиден водич за тоа како може да се живее и мисли во „интересни времиња“ и како да гледаме подалеку од очигледното – пишува Дамчевска во предговорот за својата книга.





