(ВИДЕО) Фантастична „Каранфило филфило моме“ на „ЏезВез“

Ова е само почеток – велат од „ЏезВез“, составот од врвни музичари, предводени од продуцентот и аранжер Никола Мицевски

По аранжман на Никола Мицевски, со прекрасните гласови на Сара Пројковска, Дани Димитровска и Ана Костадиновска, народната песна „Каранфило филфило моме“ доби џез-верзија. Обединети под името „ЏезВез“, за музиката се погрижија Никола Мицевски, пијано, Оливер Јосифовски, контрабас, Дино Милосављевиќ, тапани и Петар Христов, сопран саксофон. Камерата е на Рики Пејовски, а тонец – Ивица Јанкуловски. Видеото е снимено во „АудиоКултура“. Продукцијата е на Alter Productions.

Идејата на проектот е да се задржи автентичноста на изворот, да прерасне во нов призвук, е секако, голема одговорност, но и мајсторија – велат од проектот.
Да не се заборави исконското, она што сме ние, во вистинска смисла на зборот, преточено во звукот на денешното време, вели Сара Пројковска.

-За нас, како протагонисти, инспирацијата од нашето богато фолклорно и културно наследство, е приказна без крај. Нека биде ова само почеток! – вели Пројковска.
За Дани Димитровска, овој уметнички израз во синергија е подигнување на вибрацијата на македонската музика како идентитет, како љубов и спознавање.
-Синтеза од љубов, другарство, искуство, професионалност, позитивна енергија и музикалност. Така се споивме, а причината и целта ни е иста: љубов за себе и сите наоколу! – вели Ана Костадиновска.

 

Сподели