Архитектурата од 70-тите инспирација за изложбата на Александра Петрушевска-Ристовска

Шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка од Александра Петрушевска-Ристовска се изложени во Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје. На изложбата Spaces of oblivion претставени се ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години. Цуклусот е резултат на подолготраен истражувачки процес започнат во 2017 година и претставува прво самостојно претставување на Петрушевска-Ристовска од 2013 година.

– Животот на една слика или циклус започнува уште во моментот на нејзиното магловито конципирање, се развива низ процесот на физичко оформување и во вистинска смисла продолжува да комуницира кога ќе биде споделена во каква било репродуцирана, посредувана форма/облик. Изложбата, пак, претставува само еден исконтролиран облик на претставување на целината како просторна инсталација погледната од авторска призма. Сликарството, како една од уметничките дисциплини кои имаат долга историја, се занимава со репродуцирање на стварноста, но уште повеќе со интервенции во стварноста преку субјективни визуелни конструкции. Тоа е обид да се направи видлив светот, кој иако нѝ е пред очи, останува невидлив – велат од Наципналната гачерија на Македонија, во чија надлежност е „Мала станица“.

Александра Петрушевска-Ристовска е ликовен уметник и педагог, живее и работи во Скопје. Самостојно изложува од 2005-та година. Во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.

Изложбата во „Мала станица“ ќе биде отворена до 1 јуни.

Фото: Национална галерија на Македонија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели