Блогот „Кантарот“ неделава одбележа 10 години континуирано присуство во онлајн-просторот. Ви пренесуваме дел од текстот на идејниот творе на „Кантарот“, Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство при Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада, пишувач, блогер, твитерџија, истражувач, иноватор
„Отсекогаш сум имал одбивност кон пишување. Ќе добијам некоја идеја, прилично лесно ќе ја преточам во зборови, но кога треба зборовите да бидат запишани, тогаш се парализирам. Не сакам да пишувам научни трудови. Не сакам да фаќам белешки од состаноци. Не сакам дури ни да правам список на работи што треба да се завршат. Зошто тогаш по ѓаволите десет години пишувам блог?
Како и речиси сè што правам во животот, КАНТАРОТ постои од пуста упорност и инает. Во еден момент решив дека мојот страв од пишување е ирационален и се натерав да пишувам под псевдоним за да не морам да се секирам што ќе помислат (не)пријателите. Смислив лого инспирирано од мојата омилена чкртка од детството, логото ми заличи на вага (кантар), па го крстив блогот КАНТАРОТ. Бидејќи Твитер името @kantarot не беше достапно, решив да се регистрирам како @qantarot.
Анонимноста ми даде храброст да пишувам на теми кои ме возбудуваат, без разлика дали некому ќе се допаднат или не. Логично, блог што е крстен по вага мораше да биде балансиран и никогаш да не оди во крајности. Не пишував за Фејсбук лајкови и Твитер ѕвездички, туку само кога ќе ме удреше инспирација. Иако блогот го регистрирав на 15.07, првпат се огласив на интернет една недела подоцна, кога албумот The Big Dream на David Lynch ме извади од памет. Четири дена подоцна истото чувство го добив кога го погледнав документарецот за ЕКВ: Као да је било некад.
Наскоро тоа чувство ми стана како Павлов рефлекс. Штом ќе се јавеше, седнував да пишувам. Поп културата ми беше начин да избегнам контроверзни теми, а сепак во постовите да вметнувам интимни исповеди, социјални коментари и скриени референци (таканаречени „велигденски јајца“) кои само најпосветените фанови ќе можат да ги дешифрираат. Најчесто пишував за филм, музика и стрип, затоа што поп културата најдобро знае да ме извади од памет. Инспириран од римите на САФ решив дека мотото на блогот ќе биде „Поп култура и ментална фискултура“.
Прочитајте го целиот текст на Никола Стиков на КАНТАРОТ.





