Зоран Попоски на Филмскиот фестивал за нови медиуми во Лос Анџелес

Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски е меѓу 125 учесници на Филмскиот фестивал за нови медиуми кој на 1 и 2 јуни ќе се одржи во Лос Анџелес. На Фестивалот ќе биде прикажана и светската премиера на поетскиот филм на Попоски, „Уништен свет“ – кус уметнички филм во целост создаден со користење на вештачка интелигенција. Филмот на Попоски е номиниран за награда во категоријата Дополнета реалност, вештачка интелигенција, емоционална реалност и 5Д.

– Оваа номинација е признание за иновативноста и креативниот пристап кон користењето на вештачката интелигенција за ко-креација на заокружено филмско дело во кое сите елементи – визуелни, текстуални и музички, се создадени со помош на вештачка интелигенција – вели Попоски.

На 13. издание на Филмскиот фестивал за нови медиуми ќе бидат претставени вкупно 85 премиерни прикажувања на автори од 30 земји и нивни дела создадени со најсовремени технологии од доменот на филмот, компјутерските игри, дополнетата реалност, виртуелната реалност и вештачката интелигенција. Жирито на фестивалот е составено од водечки светски експерти од глобални продукциски компании како Марвел, ХБО, Би-би-си, наградите Еми, магазинот „Ролинг стоун“ и многу други.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе светски награди за уметност.

Сподели