Зоран Љутков и Весна Јаневска, нови министри за култура и туризам и образование и наука

Актерот Зоран Љутков и патологот Весна Јаневска се новите министри за култура и за образование и наука во Владата предводена од Христија Мицковски која синоќа беше изгласана во македонското Собрание. Новиот состав го изгласаа 77 пратеници, 22 беа против, а немаше воздржани.

Зоран Љутков (1977, Велес) има мандат од 4 години и ќе треба да го реформира постоечкото Министерство за култура во Министерство за култура и туризам. Тој доаѓа на местото на Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ. Љутков дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности (2001). Наредната година запишал постдипломски студии за сценски дизајн на Универзитетот во Белград. Работи во Драмски театар во Скопје од 2006, каде покрај актерскиот ангажман од 2010 до 2014 година бил уметнички раководител. Како театарски актер реализирал многу улоги на матичната сцена, а настапувал и на сцените на останатите национални установи и независни театарски сцени во Македонија. Реалзиирал и повеќе филмски улоги. Добитник е на повеќе награди. Во 2021 година беше изгласан за претседател на Советот на Општина Велес.

Весна Јаневска (1958, Скопје) е патолог, поранешна пратеничка, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје. Во МОН таа доаѓа на местото на Јетон Шаќири од ДУИ. Јаневска свој придонес во областа на медицината и патологијата дала со повеќе истражувачки проекти. Член е на Лекарската комора на Македонија, Конзилиум за Саркома при Медицинскиот факултет, Македонското патолошко друштво, Европското патолошко друштво, Македонското друштво за морфолошки науки и Македонското здружение на лекари.

Во рамките на нејзината политичка кариера, била членка на ВМРО-ДПМНЕ па на ВМРО-НП од 2004 до 2007 година, а во еден период и раководела со партијата. Таа држи своевиден рекорд во македонското Собрание кога во 2006 година дискутирала за тогашниот Закон за полиција 6 часа и 30 минути.

Сподели