Жолдак, Марлоу и бегството од стариот театар

Во „Едвард Втори“ не постои јасна порака која има за цел публиката да ја мава по глава преку нејзиното пренагласување, исто како што не постои ни во современиот танц, или пак, апстрактната уметност. За сите што се надеваат на наративност и произвлекување на некаква поента базирана на драмско дејство, истото треба да го бараат во некои други театарски правци, кои режисерот ги смета за провинциски и застарени

Пишува: Филип Петковски

На сцената на театарот „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ во Велес, на 9 јуни беше изведена првата реприза на „Едвард Втори“ во режија на украинскиот режисер Андриј Жолдак, по нејзината премиера на „Охридско лето“. Спојот на физички театар, современи пристапи кон танц и телесно изразување и ноторниот пристап на работа со актери на режисерот, оваа продукција ја направија ремек дело, не само поради нејзината специфична и незаменлива естетика, но и поради маестралната изведба на актерите кои беа подложни на макотрпен двомесечен тренинг.

Генијалноста на изопачениот ум на режисерот не е само видлива во сценските решенија за кои нема потреба од реплики и каква било контекстуализација, туку и во обработката на темата што е прикажана преку еден современ пристап, делумно непознат на македонската публика. Имено, „Едвард Втори“ обработува неколку теми, меѓу кои завист, војна за моќ, алчност, предавство, но и водечката тема на една многу искрена и наивна љубов помеѓу кралот Едвард (во изведба на Илин Јовановски и Борис Крстев) и неговиот љубовник Пирс Гејвстон (во изведба на Васил Зафирчев) која беше можеби и намерно притаена и цензурирана преку одлуката приказната да биде прикажана од гледна точка на кралицата Изабела де Валоа (во изведба на Јована Миладинова) која е претставена во позиција на жртва.

Потрчнувајќи, себеповредувајќи се и видно изменувајќи го својот физички изглед и своите гестикулации во времетраење од три часа, без никаква пауза, младата актерка која маестрално изведе сѐ што ѝ било наложено, беше претставена како водечкиот лик од кој е направена карикатура на млада девојка чија болка и неможност да го натера љубениот да ја сака, ја има доведено до апсолутно лудило, на сцена изразено во секое движење на секој дел од нејзиното тело. Љубовната врска помеѓу кралот и неговиот љубовник, пак, е делумно цензурирана или во најмала рака – ублажена, меѓутоа не според текстот и драмското дејство, туку во самата режија и сценските и кореографските решенија.

Работена врз база на работилница каде што предност имаат, за режисерот, интриганти ликови и актери, во процес каде што не се зема предвид никакво претходно актерско искуство и никаков статус, претставата се оградува од наративност и логика, а се сведува на симболизам и нагласен акцент на убавината во репетитивноста и секојдневните движења кои, не сакајќи, се подигнати на ниво на префинет и современ танцов вокабулар.

Во текстот на Марлоу, борбата за круната ја водат само неколку главни ликови, водени од завист и жед за моќ, но во оваа продукција, за круната која еден ден ќе стигне во форма на фестивалска награда, се натпреварува секој/а актер/ка кој/а прикажува зрелост, храброст и неверојатна посветеност во толкувањето на својот лик. Во актерската екипа се младиот Илин Јовановски чија грациозност и флуидност во движењата, придружени со многу искрен и наивен пристап кон актерската игра, придонесуваат до неговата генијалност и ја присилуваат публиката на константен фокус на секој сегмент од неговото сценско изразување, кое плени, и зрачи со позитивна емоција, што е вистинска реткост во оваа постановка. Во контраст, сè што е црно, злобно и малициозно е конципирано во ликот на Мортимер, каде младиот Бранко Михајлоски, кој трпеливо го дочека својот подем да нè фасцинира со оваа улога, видно излегува од својата комфор зона и покажува зрелост и распон во неговиот пристап.

Во одличната актерска екипа се наоѓаат само двајца актери од велешкиот театар „Џинот“, при тоа исклучителни, односно Васил Зафирчев и Јордан Витанов чие лично искуство со работа во театарот (и други театри) и со режисери кои наметнуваат различни перформативни естетики, е повеќе од видливо. Додека во изведбата на Кент, Витанов го олицетворува самиот режисер, неговиот глас и израз и монструозноста на неговите идеи, кои можеби се ненамерна, но јасна индикација, барем кај публиката, Гејвстон на Зафирчев е нежен и суптилен, а тој успешно ја доловува младешката енергија која доминира во претставата, очигледно поради неговото искуство со танц и работа со неколку театарски техники кои тој успешно ги владее.

Во „Едвард Втори“ не постои јасна порака која има за цел публиката да ја мава по глава преку нејзиното пренагласување, исто како што не постои ни во современиот танц, или пак, апстрактната уметност. За сите што се надеваат на наративност и произвлекување на некаква поента базирана на драмско дејство, истото треба да го бараат во некои други театарски правци, кои режисерот ги смета за провинциски и застарени. Во претставата преовладува перформативна и ситуациска драматургија, за која се потпишува Сашо Димоски, каде репликите се сведени на апсолутен минимализам, па од тука квалитетот на претставата не произлегува од пишаниот збор, туку напротив, од тоа како истиот е отелотворен и намерно отуѓен за да има простор да говори телото.

Празнината и нелагодноста што ликовите ја носат во себе е прикажана преку минималистичка сценографија која потсетува на распадната социјалистичка фискултурна сала, во која актерите имаат задача да го искористат секој дел и секој реквизит како нивни верен партнер. Очигледно е дека во ниту еден момент нема простор за импровизација, па така секој чекор и движење што го прават актерите е избројано, искалкулирано во одредено темпо и математички пресметано, што дополнително го зголемува товарот кој го носат актерите и не им дозволува простор за грешки. Спојот на неколкуте поп-хитови во микс со авторската музика на Сашко Костов придонесуваат за создавањето на една непријатна атмосфера која навидум треба да внесе ведрина, меѓутоа само во случај кога публиката би била слепа и не би гледала што се случува на сцена.

„Едвард Втори“ се потсмева на нашето општество во кое не ни преостанува ништо друго освен да се затрчуваме и репетитивно да се удираме во ѕидовите, барајќи излез, како тоа што го прават ликовите во претставата, навидум, водени од своето лудило кое не може да биде контролирано. Тенденциозното одолговлекување на прости кореографски решенија во спој со убавината на навидум не правење ништо се лајт мотивите со кои Жолдак се служи за да испровоцира тегоба, не само кај актерите, туку и кај публиката која залудно чека спектакл базиран на стандардната театарска формула.

За жал, или пак за среќа, во оваа продукција ништо не е предвидливо и очекувано, што дополнително придонесува кон автентичноста на нејзината незаменлива перформативна естетика. Меѓутоа, кому велиме браво? Во овој случај, не на режисерот чиј нечовечен пристап, пресликан во неговото манифесто, е во најмала рака проблематичен и предмет на осуда—артефакт на една стара социјалистичка школа.

Напротив, огромното браво оди до целата екипа вклучена во продукцијата, најпрво за издржливоста и посветеноста да прави театар кој бара огромна жртва, но кој несомнено ќе постави нови параметри на изведувачка пракса и нова естетика која одамна чека да биде промовирана и дисеминирана.

Сподели