Значењето на четирите витражи од Борко Лазески на „Македониум“

Експертска помош од странство ќе се бара за конзервација на витражите во споменикот „Илинден“ познат и како „Македониум“ во Крушево, објави деновиве порталот СДК.мк. Според Министерството за култура, во земјава недостигаат конзерватори за стакло. Витражот, дело на големиот уметник Борко Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 – Скопје, 16 јуни 1993), прокапува и опасноста од ошетувања се големи особено во врнежливите периоди.

Споменикот „Илинден“ е свечено отворен на 2 август 1974 година. Автори на споменикот кој се смета за еден од десетте најинспиративни дела на бруталистичката архитектура во светот се сопружниците Јордан и Искра Грабулоски. Лазески е автор на мозаикот, а дел од комплексот изработил и Петар Мазев.

Според spomenikdatabase.org во 1972 година Лаезески ја добил првата награда на југословенскиот конкурс за изработка на витраж за споменикот Илинден во Крушево и истата година почнал да работи на витражот.

На таванот на куполата има сет од четири големи елипсовидни витражи со димензии 4,2 м. х 6,5 м. (секој зафаќа по 25 квадратни метри). Некои велат дека овие прозорци од боено стакло ги претставуваат четирите годишни времиња.

Кога светлината пробива низ стаклото под одреден агол, во споменикот прави различни форми и бои за гледачот, создавајќи фасцинантно искуство во бело обоениот ентериер на Македониумот.

Во меѓувреме над витражот на врвот на покривот има четири помали испакнатини кон небото за кои се вели дека ги претставуваат четирите периоди во македонската историја – античко време, турското владеење, времето на конфликти и незавосноста на Македонија.

Сподели