Филмот „Жолти букви” на германско-турскиот режисер Илкер Чатак ја освои Златната мечка за најдобар филм на 76. Берлински филмски фестивал, што заврши синоќа. Оваа политичка драма раскажува за турски режисер и неговата жена-глумица кои одненадеж се забранети да работат поради своите политички ставови. Претседателот на жирито Вим Вендерс наградата ја врачи лично, нарекувајќи го филмот „поглед во блиската иднина која може да се случи и во нашите земји. Филмот јасно зборува за политичкиот јазик на тоталитаризмот наспроти емпатичниот јазик на киното.”
„Сребрената мечка“ ја доби „Спасение“ (Salvation) на Емин Алпер, кој во говорот изрази солидарност со затворениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу и со „луѓето на Иран кои страдаат под тиранија” и „Палестинците во Газа”.

Германската глумица Сандра Хилер ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра улога за насловната улога во „Rose” на Маркус Шлајнцер, филм за жена која се претставува како маж во рурална Германија во 17 век за да избега од патријархалните ограничувања. Филмот „Queen at Sea” на американскиот режисер Ленс Хамер со Жилиет Бинош во главната улога освои „Сребрена мечка“.
Фестивалот не помина без контроверзии уште од самиот почеток. Индиската нобеловка Арундати Рој се повлече од настанот откако претседателот на жирито Вендерс изјави дека жирито „не може да влезе во полето на политиката” во врска со германската поддршка за Израел. Десетици фигури од филмската индустрија, меѓу кои и актерите Хавиер Бардем и Тилда Свинтон, потпишаа отворено писмо со кое го осудуваат „молкот на фестивалот за геноцидот во Палестина.” Директорката на фестивалот Триша Тутл ги отфрли обвинувањата, велејќи дека „зборувањето е дел од демократијата.”
Фото: Берлински филмски фестивал принтскрин





