„Златна камера 300“ за кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“

Работата на жирито секогаш е тешка. Но, истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови. Одлучувачки беа нијансите, рече претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ

Извонредни натпреварувачки програми, три филмски работилници, исклучителни шест прес-конференции и неколку млади девојки и момчиња имаа можност да научат како да снимаат филм за првпат во животот. И покрај сите препреки и предизвици, успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна, рече синоќа директорот Симеон Мони Дамевски на затворањето на 42. Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Сименон Мони Дамевски

Добитниците на наградите ги соопштија членовите на жирито. Претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ од името на комисијата се заблагодари за гостопримството и за честа што им била дадена да ги изберат победниците на 42. издание на фестивалот.
– Работата на жирито секогаш е тешка. Но, истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови. Одлучувачки беа нијансите – рече Меденчевиќ.

Добитник на наградата „Мала камера 300“ за краток филм е кинематограферката Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“. Добитничката ја соопшти Соња Просенц. Таа рече дека дека чест ѝ е да ја додели наградата на млада кинематограферка.
– Често на жените кои се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се дава кога станува збор за краткометражни филмови, додека потешките задачи се резервирани често за нашите колеги мажи. Но, мило ми е дека фестивалот „Браќа Манаки“ веќе открил и наградил повеќе кинематограферки. Чест ми е наградата да ја доделам на авторка за смелото, интуитивно, истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување – рече Просенц.

Жоана Силва Фернандеж

Силва Фернандеж се заблагодараи преку видеопорака, особено до режисерот Диого Салгадо што ѝ ја дал можноста да ја раскаже неговата приказна преку слики.
– Почестена сум и среќна што ми е доделена оваа награда токму на фестивалот каде се слави работата на кинематограферите. Снимањето на филмот беше интересен процес како на некое патување. Благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ и се надевам дека ќе се видиме следната година – рече Силва Фернандеж.

За Димо Попов филмовите се одраз на реалноста во која живееме, во време кое е по малку чудно, по малку запрепастувачко исто како и оние фотографии на браќата Манаки кои ги гледаме кога влегуваме во антрето на кино салата. Чудна трансформација доживува реалноста додека поминува низ објективот, чудни бои, чудни форми и чудни приказни.

Рубен Импенс

Тој образложи дека „Бронзената камера 300“ ја доби кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“, заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил. И Импенс се заблагодари преку видеопорака.
– Среќен сум и благодарен што жирито ја препозна и награди мојата работа. Жалам што ме успеав да дојдам во Битола. Благодарам и на Џулија која беше прекрасен партнер во правењето на филмот – рече Импенс.

Каспер Туксен

Филип Бергсон, соопшти дека за деликатната камера што нè приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејсаж на Осло, „Сребрената камера 300“ се доделува на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“. Туксен се заблагодари преку видеопорака и рече дека целиот тим има заслуга за успехот. На тоа се надоврза Меденчевиќ кој го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“.
– Убаво е кога самите кинематографери признаваат дека рабитите се дел од тимски напор и дека кинематограферот е налик на диригент кој го раководи оркестарот и дава ритам. Да се биде член на жири е и доста интимна работа. Сите цениме различни нивоа и тоа ја прави одлуката тешка, но во овој случај одлуката ни беше лесна на сите пет члена на жирито. За деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север, жирито ја додели наградата „Златна камера 300“ на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“ – рече Меденчевиќ.

Јани-Петери Паси

Паси веќе ја има добиено оваа награда. Сепак, кога му соопштиле толку се возбудил, се разбудил среде ноќ и не заспал до утрината.
– Благодарам Битола, за жал не можев да дојдам оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание, на фестивал посветен на кинематограферите/ Се надевам ќе се видиме следната година – рече Паси.

Сподели