„Животот на провинциските плејбои…“ и „Кармен“ на Драмски гостуваат во Љубљана

Драмскиот театар од Скопје ќе учествува на фестивалот РУТА во Љубљана со претставите „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“ и „Кармен“. Двете претстави ќе бидат изведени утревечер од 19 и од 20 часот, а „Животот на…’ ќе се игра уште два пати во наредни два дена. Овој ревијален фестивал од 2019 година на секои два месеци обединува шест театарски куќи од регионот на фестивалската сцена. Драмски театар – Скопје, сараевскиот Камерни театар 55, Београдско драмско позориште, Казалиште „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора) и домаќинот – Местно гледалишче љубљанско (МГЛ), пред словенечката публика ќе се претстават со копродукцијата „Животот на…“ и со претстави од драмската продукција на матичните куќи, во кои играат реномирани театарски и филмски имиња од регионалниот културен простор.

Во „Животот на…“, работена по текст на Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин
Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и во Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесеттата изведба на оваа претстава.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска на фестивалот ќе ја изведе монодрамата „Кармен“ работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 година има 47 изведби и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали.

Како фестивалска активност и на словенечкиот фестивал РУТА, по изведбите на претставите се организираат разговори со уметниците. Оваа година тркалезните маси ќе ги водат драматурзите Петра Погоревц и Нина Куцлар-Стиковиќ. Основната цел на фестивалот РУТА иницирана уште од самиот почеток на соработката се потврдува и на овој фестивал со зајакнувањето на културните врски и надминувањето на националните граници во создавањето на простор за нови уметнички соработки. Со текот на годините, фестивалот стана препознатлив настан кој не е само прослава на театарот туку и можност уметниците,
техничките тимови и театарската публика на едно место да ги разменат своите искуства и да иницираат нови проекти.

Сподели