Изложбата „Живот за уметноста“ од академскиот сликар Александар В. Настески и неговата ќерка, Ивана Настески ќе биде отворена утревечер во 19 часот во галеријата „Метаноја“ во Скопје. Изложбата претставува своевиден омаж на сликарството на Александар В. Настески, а произлезе од промоцијата на книгата „Дијалози за слободата“ во која авторот Љупчо Јолевски има интервју со Александар и со Ивана. (Метаноја, 2025)
Галеријата „Метаноја“ ја иницираше идејата за оваа изложба за делата на таткото и на ќерката да се „огледуваат“ во двата галериски салона. За Александар Настески ова е постхумна изложба. Истовремено некои негови слики за првпат ќе бидат изложени во Македонија. Тие досега биле претставени само пред публиката во Италија.
„Живот за уметноста“ е изложба која ги спојува заедничките уметнички мотиви, пориви и визии изразени на свој автентичен начин на двајцата уметници. За изложбата еден од рецензентите д-р Коста Милков од Балканскиот институт за вера и култура пишува:
„Уметничките изрази на Александар и на Ивана Настески ќе ја воведат публиката во архаично-современ визуелен свет каде космогониите, праисториските симболи и современиот експресивен јазик се преплетуваат во единствено уметничко доживување. Изложбата ги обединува мотивите на вселената, земјата, сонцето и човечката фигура во богата митопоетска композиција што го спојува древното со модерното, архетипското со личното, органското со апстрактното.“





