Во Europe House Битола е отворена интересна изложба посветена на графичкиот дизајн препознатлив за некогашна Југославија. Yugo.logo е насловот на изложбата на младиот графички дизајнер Огнен Ранковиќ од Хрватска. Изложбата која пред месец дена беше отворена во Загреб сега има можност да ја види и македонската публика.

Изложени се 460 логоа создадени пред повеќе од половина век, но стандардите по кои се креирани, концептот и естетиката ги прават безвременски. Yugo.logo во Битола ја отвори доајенот на македонскиот современ графички дизајн, Костадин Танчев-Динка, кој во својот богат и разновиден творечки опус создава и многу графички симболи кои и ден денес се препознатливи и функционираат во нашата земја. Грбот на Битола е еден од нив.

Целта на проектот yugo.logo е да ги истражи, дигитализира и архивира овие знаци со цел да му послужат како инспирација на новите генерации, истовремено и да им се даде почит на пионерите на дизајнот на овие простори.


фото: Небојша Гелевски-Бане





