Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи женскиот хор „Менада“. Диригент е Ивица Зориќ, а ќе настапат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Хорот е основан 1981 година во Тетово и сиве изминати години е предводен од маестро Ивица Зориќ. На репертоарот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во земјава, поранешна Југославија и во Европа.

Ивица Зориќ дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 1977 година го основал детскиот хор „Лале“, а во 1981 година и женскиот младински хор „Менада“ во Тетово. На репертоарот со хоровите со кои работи поставил повеќе од 500 композиции од различни стилови и епохи на 18 јазици. Во македонската и меѓународната културна јавност познат е пред сè како реномиран хорски диригент.

Со хоровите „Лале“ и „Менада“ има остварено повеќе од 1.000 настапи во земјава и странство. За својата дејност добитник е на многу награди и признанија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.