„Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ во срцето на Баухаус во Берлин

Изложбата е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, за да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации

Пред бројна публика во галеријата BHROX Bauhaus Reuse во Берлин, Германија, отворена е архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“. Автори на изложбата се Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.

Сместена на Ернст Ројтер Плац, галеријата е изградена од оригиналните фасадни елементи на историската зграда на Школата Баухаус во Десау и претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство, велат авторите на поставката.

– Покрај тоа што ја чува значајната историја на Баухаус, галеријата функционира како транс-дисциплинарна урбана лабораторија посветена на истражување на иднината на модернизмот, градежната култура и одржливоста. Таа активно ја ангажира јавноста преку работилници, изложби и партиципативни проекти, што ја прави активна културна платформа за преиспитување на тоа како архитектонското наследство може да ги обликува современите културни и еколошки практики – велат авторите.

Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ ја заокружува програмата „Модерната еманципација“, која започна со одржувањето на фестивалот „Жените во архитектурата“ во јуни годинава, и е во рамки на архитектонскиот фестивал „Триенале на Модерната“ кое по петти пат се одржува во градовите каде некогаш била сместена Школата Баухаус: Берлин, Десау и Вајмар.

„Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, за да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации.

На изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани жени архитекти: Мимоза Несторова-Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова-Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова-Костиќ и Росанда Мичева.

Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по враќањето во Скопје и работата во бројни проектантски организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Промоцијата на македонската архитектура во Берлин продолжува утре во реномираната Берлинска галерија, клучна културна институција посветена на истражување на модерната уметност, фотографија и архитектура. Сместена во поранешна индустриска зграда во населбата Кројцберг, Берлинската галерија служи и како историска архива и како култ(ур)но место каде активно се преосмислува постојано променливиот уметнички идентитет на Берлин. Кураторката од Берлинската галерија, Катарина Депиш, заедно со архитектите Ивановска-Дескова, Десков и Ивановски, истовремено ќе водат музејска тура и пред посетителите ќе водат разговор на тема: „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“.

Разговорот ќе ја истакне работата на жените архитекти и урбанисти во Источен Берлин и во Скопје, во контекст на општествените и политичките настани помеѓу 1945 и 1989 година, преку дијалог меѓу кураторите на двете изложби „Другари и тимски играчи – жени кои го изградија Берлин, главен град на ДДР“, поставена во Берлинската галерија, односно „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“, поставена во BHROX Bauhaus Reuse.

Претставувањето на македонската архитектура во Берлин продолжува в сабота (29 ноември) кога архитектите Ивановска-Дескова, Десков и Ивановски ќе имаат свое излагање на меѓународната конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „ЕТОМ – Европско триенале на модернизмот“ и „НЕБ – Нов европски Баухаус“. На конференцијата ќе бидат претставени различните практики на истражување на модернизмот како „прогресивно наследство“, во смисла на неговата важност во градењето на општествената кохезија и активната културна соработка, особено во Централна и Источна Европа.

Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje) беше финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во нашата земја, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија и во Македонскиот културен центар во Њујорк. Реализацијата на изложбата во Галеријата BHROX е поддржана од нашето Министерство за култура и туризам, компанијата „Рединг ОГ“ Скопје, Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Континео 2020. Изложбата во Берлин ќе биде отворена до 14 декември.

Сподели