„Поврзување за одржлива иднина“ е годинашната тема на Глобалниот женски појадок 2025 што се одржи денеска во 10 часот на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а го организира Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Присутните ќе ги поздрават проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, од Институтот за хемија и претставник на СХТМ и проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот. Потоа обраќања ќе имаат амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а видеообраќање ќе има и проф. д-р Светлана Мојсов од Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк. Потоа проф. д-р Марина Стефова од Институт за хемија ќе има излагање на тема „Проблемот со загадувањето: Нерешлива мистерија или предизвик што бара заеднички напор за поздрава иднина?“
– Ја одбравме темата „Поврзување за одржлива иднина“ за да го истакнеме значењето на зајакнувањето на улогата на жените во науката, технологијата и општеството. Ќе посветиме внимание на еден од најголемите предизвици на нашето време – борбата против загадувањето, и ќе ја истакнеме важноста на науката во создавањето почиста и поодржлива иднина – велат од СХТМ.
Настанот е можност за вмрежување со инспиративни жени, размена на идеи и искуства, создавање на нови соработки кои ќе го поттикнат напредокот. Глобалниот женски појадок 2025 се одржува во рамките на иницијативата на IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија), по повод 11 Февруари, Меѓународниот ден на жените во науката прогласен од Обединетите нации во 2015 година.





