„Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ во Музеј на Македонија

Архитектонската изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Музеј на Македонија во Старата скопска чаршија.

Инспирирани од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата, целта на проектот е да ја истражи, документира, проучи и промовира улогата и делата на овие извонредни жени од практиката – планерки, архитекти и дизајнерки; да доведе кон подобро разбирање, поголема видливост и вреднување на архитектонското и културното наследство кое тие го оставиле на идните генерации.

Во втората половина на 19. век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.

– Жените архитекти даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 60-тите, 70-тите и раните 80-тите години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти – велат организаторите.

Со проектот раководи Здружението за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“ – Скопје, а истиот е финансиран од швајцарската амбасада во земјава.

Сподели