„Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“ од вечерва во МСУ

Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“. На изложбата, седум филозофи од различни делови на светот влегуваат во дијалог со седум уметници со кои почувствувале интензивна резонанца околу прашањата за земјата. Преку зборови, слики, звуци, мириси и движења кои се издигнуваат од самата почва, изложбата отвора простор во кој филозофите и уметниците, посетителите и кураторите слободно се поврзуваат.

Куратор на изложбата е Рик Долфијн, а учествуваат: Феран Лега – Кристијан Алонсо, Катаржина Пастушак – Ирена Чаврилска, Сигне Лиден – Рик Долфијн, Хан Ксијаохан – Кристина Коскентола, Сунах Чои – Алекс Таек-Гванг Ли, Тихомир Топузовски, Шинтаро Мијаваки – Тошија Уено.

„Од мочуриштата до висорамнините, од архипелазите до тундрите, земјата е составена од безгранична низа локални и транслокални системи кои опстојуваат, комуницираат и се поврзуваат. Овие системи не претставуваат само материја, тие се во постојани состојби на издржување, приспособување, учење, замислување, сеќавање и реагирање на секој контакт. Тие во себе ги носат сопствените истории и, воедно, ги насетуваат световите што надоаѓаат.
Модерните наративи долго тврделе дека само луѓето ја поседуваат привилегијата да размислуваат. Токму овој мит ја оправдувал човековата доминација врз светот, светот кој е повеќе од човечки, привилегија што низ историјата ù припаѓала само на избраната група, на човекот кој е бел, кој доаѓа од западот, од повисока класа. Векови наназад, нивните идеи, а со нив и нивните постапки, ги избришале историите на планетата, оставајќи зад себе непресметлива трага на уништување. Денес, самата структура на оваа реалност е решително доведена во прашање. Оттаму, се прашуваме дали можеме да ги следиме биолозите кои ги мапираат начините на кои размислуваат растенијата? Дали може да се согласиме со антрополозите кои сериозно го прифаќаат домородното знаење и истражуваат како шумите сонуваат и зборуваат? Додека филозофите се насочуваат кон интелигенцијата на октоподите, делфините и гавраните, суштества чии облици на свест се различни од нашите, но не се помалку сложени.“, пишува во соопштението на МСУ.

Сподели