ЗЏМ Биг бендот со Луис Бонила заокружи уште една фантастична година

Биг бендот на Здружението на џез музичари (ЗЏМ биг бенд) завчеравечер во Филхармонијата во Скопје ја заокружија фантастичната година со одличниот концерт на кој гостуваше џез тромбонистот Луис Бонила – повеќекратен добитник на „Греми“. Во ден кога Младинскиот културен центар одбележуваше половина век постоење со интензивна 24-часовна програма и повеќе од 50 настани на едно место, беше задоволство да се види филхармониската сала скоро пополнета. Дваесет извонредни музичари од различни генерации нè пренесоа во Порторико, Бразил и Куба, а расположениот Бонила кој не е првпат во Скопје со куси реминисценции објаснуваше кое дело кому го посветил.

Бендот го водеше Бонила, а диригент беше Џијан Емин. На тапани настапи Виктор Филиповски. Трубачката секција ја предводеше првата труба – Дарко Бенчиќ, гостин од Хрватска. Солистички настапија Трајче Велков, Кирил Кузманов, Иван Иванов, Сашко Николовски, Зоран Костадиновски, Кирил Туфекчиевски и Бојан Цветковиќ од Србија, кој го менува Гордан Спасовски, редовниот член на ЗЏМ. Во составот настапија и Јордан Колески, Сенад Усиен, Славко Ѓеоргиев, Валентин Видовиќ, Иван Трајановски, Бранко Илиевски, Енис Мемехмедов, Никола Ристевски и Гоце Стевковски.

Здружението на џез музичари и слободни уметници неколку години покажува дека точно знае што прави и одлично се позиционира како сериозна музичка организација не само во земјава, туку и во регионот. Во време кога се формираат нови институции од помал калибар, можеби е време и ЗЏМ биг бендот да се институционализира.

(В.И.И.)

Сподели