Здружение на граѓани УМНО

Образованието, науката и културата се столбови на секое општество. Визијата на Здружението на граѓани за промоција и унапредување на културата, образованието и науката УМНО е да придонесе Македонија да биде место каде уметноста ќе биде дел од секојдневието, каде децата ќе растат со култура, ќе ја развиваат својата свест за културното наследство, а изложбите, театарските претстави и филмовите ќе бидат составен дел од нивниот живот. Сакаме да живееме во општество кое ќе вложува во науката, имајќи предвид дека само така тоа може да напредува. Држава во која власта ќе го чуе и послуша гласот на научниците.

УМНО СЕ:

Весна Ивановска-Илиевска со новинарство почнала да се занимава во 2000 година, како дел од рубриката за култура во весникот „Дневник“. Во наредните 17 години фокус на нејзината дејност се културното наследство, ликовната/мултимедијална уметност и културата, воопшто. По згаснувањето на „Дневник“ во 2017 година продолжила со работа во порталот Факултети.мк, каде се насочила кон состојбите во образованието и науката во Македонија, сè до крајот на 2020 година. Дипломирала на Катедрата за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје во 2001 година. Таа е една од ко-основачите на порталот Умно.мк.

 

 

 Сребра Ѓорѓијевска од 2004 година како новинарка во весникот „Дневник“ е посветена на театарската, филмската уметност, сценските уметности. Од 2016 година дел од тимот на Факултети.мк и Деца.мк, каде во четири години во фокус ѝ беа темите од образованието, науката, кариерата. Таа работи и на областа на односите со јавноста соработувајќи со неколку филмски фестивали („Браќа Манаки“, Мобил филм фестивал, Џифони Македонија, Синематик, како и на меѓународни литературни фестивали („Про-За Балкан“ и „Литера“ – за детска литература и илустрација). Дипломирала на Интердисциплинарните студии по новинарство при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Таа е една од ко-основачите на порталот Умно.мк.

 

 

Софија Ивановска е филолог, професорка по англиски јазик и книжевност. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скoпje. Зад себе има 25-годишно искуство во образовните процеси и политики во Македонија. Работи со деца од претшколска возраст, ученици, студенти, возрасни групи кои го изучуваат англискиот јазик. Покрај многу преводи на трудови во специфични области, има искуство и како овластен судски преведувач.

 

 

 Марина Лазаревска – со образование и практика во медиуми и технологија, Марина има над 10 години искуство и како новинар и како проект-менаџер во медиумски компании. Работи за повеќе организации, медиуми, компании и фестивали, помага во програмирање, ПР-стратегии, настани, конференции и е македонски дописник за онлајн-филмскиот магазин Filmneweurope.com, како и селектор и координатор за филмска програма на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Организатор и учесник на меѓународни панели, културни и филмски проекти. Нејзиниот истражувачки интерес опфаќа секојдневна комуникација, медиумски и културни практики; медиуми, комуникација и култура.

 

 Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Дипломирала и магистрирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2001 година работи во повеќе редакции за култура, фокусирајќи се на теми од културологијата, театарот, а посебно на новинската книжевна критика. Во неколку наврати била шеф на прес-центарот и модератор на Струшките вечери на поезијата. Уредник е на рубриката за култура на Алфа ТВ. Автор е на книгите: „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014), „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2015) и „2 минути и 40 реда“ (ПНВ Публикации, 2020). Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на Интернационалната унија на новинари франкофони (L’Union internationale de la Presse Francophone – UPF).

 

 
 

Сподели