Зборот како оружје – моќта на јазикот

Полиглот, или личност со огромен спектар на вокабулар, е еквивалентно на шах-мат ситуација во една игра. Зошто?

Пишува: Ива Трпески

Животот, за жал или за среќа, не води до најразлични предизвици. Пречки за кои потребни ни се таканаречените „меки вештини“, за да ги прескокнеме. Овие вештини се дел од нас, меѓутоа разликата е кој и колку ги има развиено и збогатено.

„Што е интелектуалец?“ е прашање кое сите го имаме слушнато барем еднаш. Постојат милион варијации на одговори, но се подразбира дека интелектуалец, најосновно, е човек којшто има способност да ги разбере дефектите на општеството и да ги застапува ставовите за промена. Сепак, клучен аспект во ова се тие „меки вештини“ и манипулацијата со нив. Па да се навратиме на главната поента од ова.

Полиглот, или личност со огромен спектар на вокабулар, е еквивалентно на шах-мат ситуација во една игра. Зошто? Противникот, во овој случај соговорникот, колку и да напаѓа, на крај важна е постапката односно формулирањето на ставот и начинот на кој истиот е изнесен. Тоа значи дека не секој што има знаење, има и разбирање. Општењето се заснова на фундаментално препознавање на полето на разговор, а не знаењето за истото.

Покрај комуникацијата, како вредност во оваа игра, критичното размислување е – кралицата. Тоа е промената на релативноста на моментот, од субјективно во објективно и обратно, бидејќи гледната точка на нормираниот разговор е клучна за понатамошниот тек.

Без разлика на нашето самопреценување, секогаш станува збор за предност кога се работи за општење. Без разлика на степенот на образование, секогаш се сведуваме на протолкуваното искуство. Без разлика на сè, единствениот пион кој е под наша контрола, секогаш е – начинот на изразување.

Насловна фотографија: Генерирана со ideogram.ai

Сподели