„Навистина се ретки публикациите и изданијата за историјата на Балканските простори за времето на османлиската доминација“, рече академик Драги Ѓоргиев, османлист на промоцијата на 4. издание на стручното музејско списание „Славишки зборник“ на Градскиот музеј во Крива Паланка што се одржа во градската општина.
Изданието е посветено на Кривопаланечкиот Регион (Славиште) во времето на доминација на Османската империја од 15 до 19 век.
– Овој зборник е вистинско освежување како научно издание, бидејќи се третира историја од 15 до 19 век, целокупното османлиско присуство овде, преку различни теми и учесници од неколку држави, што му дава посебна тежина на самиот зборник. Уште позначајно е што има текстови базирани на новооткриени документи што даваат една сосема нова слика и претстава, прво за тврдината на Крива Паланка, а потем и за самата населба со што претставува една извонредна публикација за градот пошироко. Има Балканско значење – рече Георгиев.
Зборникот содржи 16 стручни трудови, резултат на меѓународната конференција одржана лани во Крива Паланка, на која учествуваа реномирани истражувачи – османлисти, историчари, историчари на уметност и етнолози од Македонија, Бугарија, Србија, Турција и Косово.
Изданието е дел од проектот „Вие освојувачите – Крива Паланка во времето на Отоманската империја-II“, финансиран од ГПФП од национален интерес во културата 2023 година. Настанот е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата“.