Збогување со Милка Ефтимова

Пишува: Јелица Ѓорѓиева Порента, унив. дипл. музиколог

Мина недела, минаа две недели, а во четвртава недела емоциите се сè посилни и сеќавањата сè посликовити и интензивни. Да речам, според мене, нејзиното заминување ме шокира, затоа што неколку дена пред 13 август разговаравме на кратко преку „Вибер“ и си рековме: „Ајде, пак ќе се слушнеме“, зашто брзо се замори. Н,о не се слушнавме и видовме повеќе, а јас имав намера да ù кажам дека нејзината последна Монографија во 2022 година, која ми ја испрати со посвета преку една Македонка која живее во Словенија е ремек дело, дека ја прелистувам веќе неколку пати и дека тоа не е само документ за нејзиниот живот и уметничко творештво, туку историски документ за едно време во кое уметноста (и музичката) беше една од главните сегменти на социо-културниот живот во државата, воопшто.

Во воведниот дел на Монографијата, меѓу другото, многу добро го опишува периодот на студии, развој и достигања на оперската и концертната музичка сцена во Љубљана каде што покрај неколку македонски млади музички уметници студирав и јас и завршив музикологија на Одделот за музикологија при Филозофскиот факултет во Љубљана. Бев републички стипендист и уште пред завршувањето на студиите ја започнав својата публицистичка активност во медиумите во Скопје и Љубљана. Известував наизменично од Љубљана во Скопје, и обратно. Мојот дипломски испит на тема „Музичкиот живот во Македонија меѓу двете св. Војни“ беше одлично прифатен со поширок интерес на музиколошката јавност, па така Милка воодушевена и горда започна уште повеќе да ме „промовира“. Таа нејзина човечка особина да помогне на секого е добро опишана и во нејзината Монографија, а ја потврдуваат и бројните објави на јавните медиуми на сите оние кои другарувале или соработувале со неа. Сè што е кажано на таа тема е вистина.

Посвета на оперската дива Милка Ефтимова на музикологот Јелица Ѓорѓиева Порента

 

По дипломирањето во јуни 1976 се вратив во Македонија и со чувство на обврска кон мојата Македонија која ме стипендирала започнав да молам за работно место, но сфатив дека сум во заблуда. Неколку пати ù се јавував на Милка и ù раскажував што сè доживувам. Освен фестивалскиот ангажман на „Струшка музичка есен“ бев фактички без работно место. Есента истата година добив телеграма од Милка во која ме известува дека во Љубљанската опера ме чека работно место оперски драматург за што таа лично се ангажирала. Беше веќе со статус првенка на Љубљанската опера, а и веќе реномирана концертна интерпретаторка на грандиозни концертни дела во изведба на Словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Љубљана и други камерни ансамбли. Следеа настапи на разни фестивали во Словенија, Македонија и Југославија. Нејзиниот уметнички лик го надградуваа нејзините високи етички и естетски стандарди во професионалниот и личниот живот. Стана личност од највисок ранг.
Тажна, но оптимистички се спакував и се преселив во Љубљана каде што со нејзина поддршка се афирмирав во највисоките музички кругови во Словенија.

Така започна и мојата развојна фаза низ која минавме скоро сите млади музички кадри, бидејќи тоа ни го овозможуваше целокупната организираност на тогашната музичка култура во државата. Тој процес најдобро го опишува самата Милка.
Имав чест да ја организирам и изложбата на уметникот Ангел Петров во Љубљана во ликовната галерија на дневниот весник „Дело“ што ја организирав, а ја отвори Милка Ефтимова со самостоен концерт на арии од опери, уметнички соло песни и македонски народни песни. И’ се придружи и самиот Ангел Петров, кој покрај сликарскиот поседуваше и пејачки талент.

Изложба на Ангел Петров во ликовната галерија на дневниот весник „Дело“ што ја организира Ѓорѓиева Порента, а на која настапи Ефтимова со концерт на арии од опери, уметнички соло песни и македонски народни песни

Во тој период започна и нашето пријателување. Често бев гостинка на ручек кај неа, а таа уживаше во своите кулинарички „творби“, кои нè потсетуваа на нашата македонска кујна. А знаеше сè добро да сервира и уживаше во тоа. Јас се обидов и да и ја средам целокупната стручна документација која уште во тој период беше прилично богата. За неа бев Ели – талентиран македонски музиколог на кој му се отвораа вратите на музиколошката сцена и во југословенските музиколошки простори. Вратата на нејзиниот дом беше секогаш ширум отворена, не само за мене и оние кои живеевме во Љубљана или на младите македонски музичари, туку и на сите оние Македонци кои побараа помош од неа и доаѓаа во Љубљана на лекарски прегледи или подолготрајни лекувања.

Нашето прво Збогување се случи кога таа се одлучи да се врати во Македонија како првенка во новата Оперска зграда, за која таа во Монографијата пишува како со Георги Божиков сонувале да создадат македонски „Метрополитен“… Кога ја прашав зошто ја напушта Љубљана кога беше на врвот на својата кариера таа ми одговори: „Ели, во Македонија е мојата фамилија, таму е мојот дом“! Потполно ја сфатив и не прашував повеќе, затоа што истите чувства ме обземаат и мене сè до денес… Во љубљанската Опера се почувствува голема празнина, а нејзините интерпретации на повеќе од дваесетина главни улоги ( на пр. во оперите: Орфеј и Еуридика, Трубадур, Свадбата на Фигаро, Фауст, Матија Губец, Кавалерија Рустикана, Девојката од запад, Џани Скики , Вртлог, Ерос-Арес, Фалстаф, Бал под маски, Царска невеста, Божиќна ноќ, Продадена невеста, Пикова дама, Катја Кабанова, Хованштина) до денес не ги достигна ниту една алтистка од домашните оперски уметници, а улогата во „Кармен“, според Ловро Матачиќ (податокот е наведен во емисијата » In memoriam Milka Eftimova« емитувана на 21.8.2025 на РА Љубљана  ја вреднува меѓу трите најдобри во светот, а таа остана составен дел на словенечката историја на Операта од тој период. Имено сите нејзини улоги и настапи се многу добро наведени во последната Монографија.

Спомен од заедничките дружења на Ефтимова и Ѓорѓиева Порента во Охрид

Во сите овие години контактиравме и се среќававме на некои гостувања на македонски ансамбли со кои таа настапуваше како концертна вокалистка или нејзини самостојни концерти на југословенски фестивали (на пример, на „Охридско лето“, Мајските оперски вечери, Струшка музичка есен сл), а се слушавме и телефонски. Редовно ја следев нејзината кариера и во секој момент информирав за нејзините настапи било во Словенија или Македонија, па и на другите југословенски музички сцени кои ги следев за време на мојот активен публицистички период.

Второто и последно Збогување остана недоискажано, а имав толку многу новости во врска со мојата книга со наслов „Музичкиот живот во Македонија меѓу двете св. војни“ за која таа уште дваесеттата година ми рече: „Ели кога ќе ја завршиш јави ми да ти помогнам при издавањето. Ќе ги анимирам во Сојузот на композитори и ќе им кажам од каков формат на автор си“. Јас бев скептична и ù реков нека почека додека не ја завршам книгата, бидејќи истражувам многу нови настани и личности и имав намера да ù кажам дека открив и многу значајни, особено оперски, македонски личности од меѓувоениот период кои се прославиле на европските оперски сцени и сл. откритија: но тоа остана недоискажано, бидејќи јас ù ветив дека ќе ù раскажам што сè истражив, што пронајдов и сл., но …

Сподели