„Збогум младост моја“ сведочи за доживотното другарство со Влада Дивљан, вели Александар Прокопиев

Премиерна изведба на песната „Збогум младост моја“, по текст и композиција на Александар Прокопиев, а во изведба на Бранислав Николов, Гоце Јованоски и на Прокопиев, ќе се случи вечера во 20 часот Културно-информативниот центар во Скопје. Настанот е замислен како мини-концерт на кој, покрај песната, би биле
изведени и неколку песни од „Пијан Славеј“ и неколку песни од проектот
„Реобмислување“.

„Збогум младост моја“ е посвета на Влада Дивљан, фронтменот на групата „Идоли“, со кого Прокопиев свирел заедно во неговата белградска фаза. Песната дури и е изведена, во 80-тите, на живи свирки во Белград, а сега, со македонски текст, повторно снимена во Битола и дел во „Алшар“ во Скопје. Песната е во издание на „Прозарт медиа“.

Прокопиев се потсетува на времето пред пет децении кога бил студент на компаративна во Загреб и живеел како потстанар кај семејството Галиќ.

– За среќа, освен што беа прекрасни луѓе, со кои убаво се сложував, имаа многу добро пијано. Во тоа време јас необврзано настапував со некои белградски групи, и често на пијаното, на задоволство на домаќините, музицирав. Синот на Галиќи се викаше Владо, и беше најдобар гимназиски другар со Влада Дивљан. И нормално, дојдоа таму, Влада веќе свиреше гитара, и така почна нашето долготрајно пријателство. Веќе во јануари 1973 година формиравме група која се викаше Мерлин, а во која настапуваа маалскиот другар на Влада, Зденко Колар на бас гитара, и мојот
маалски другар, Никола Поповиќ на тапани. И така почна една многу долготрајна музичко другарска авантура, кога името на составот се менуваше: почнавме како „Мерлин“, па „Звук улице“, и станавме прилично познати во
Белград. Правевме интересни текстови и композиции, но некаде кон крајот на 1979 година јас продолжив со мојата книжевност, а тие станаа многу познати како „Идоли“ – раскажува Прокопиев.

Од сето тоа прекрасно искуство останало извонредно другарство со Влада Дивљан, кое наспроти сите животни пресвртници и случувања тогаш, и социјални и политички, останало до крај на неговиот живот, кога тој, пред
неколку месеци, дошол во Скопје да ја прими наградата „Златна бубамара“.

– Токму тогаш и свиревме малку. Тие другарства остануваат и по смртта на еден од другарите. Децении подоцна, во едно скопско кафуле Џокси ми покажа фотографии од таа последна наша средба заедничка со Влада. И сето тоа после одеше многу брзо и со некој убав ксмет. Се сетив на една моја композиција која Влада многу ја сакаше и сакаше да ја снимиме во тие наши последни разговори, но остана како идеја. Кога дојдов дома видов дека таа композиција многу лесно ми легна. И после почнаа тие убави работи – мојот другар Дејан Трајкоски дојде кај мене дома, ја слушна и ја сними на мобилен телефон. Му ја пративме на Гоце Јованоски, кому исто така му се допадна. Веднаш направи извонреден аранжман, и после со извонредниот глас на Бранислав Николов, таа песна стара 4 децении повторно оживеа – вели Прокопиев.

Насловот „Збогум младост моја“ се совпадна со заминувањето на Влада, но од друга страна сведочи за доживотното траење на другарството со една ретка и богата личност, раскажува Прокопиев за песната.

Настанот е во организација на „Прозарт медиа“ а поддржан е од „Македонски музички текови“, проект на КИЦ – Скопје и Град Скопје.

Сподели