Збогум, маестро!

На 85-годишна возраст утрово во Скопје почина диригентот и композитор Александар Џамбазов. „Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години…од денес, конечно со својата Анче… вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“ – напиша Игор Џамбазов, неговиот син.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Во 1947 гoдина во Скопје го завршува најпрво нижото музичко училиште (започнато во Штип) и средното – 1956г. Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде дипломира во 1960 година. Веднаш по дипломирањето поканет е да работи во Радио Скопје, и тоа најпрвин како соработник во Редакцијата за сериозна музика, потоа во Редакција на забавна музика и музичката продукција, а од 1964 година е назначен за диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје на кое работно место се наоѓа до неговото пензионирање – пишува Сојузот на композиторите на Македонија.

Џамбазов е македонски диригент и композитор.

Настапувал во земјава и во странство. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори. Џамбазов е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведени, снимени и печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна СФР Југославија, добитник е и на Државната награда „11 Октомври“, Наградата на град Скопје „13 Ноември” и др.

Неговиот исклучителен придонес е и во музичкото исполнителство како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж, и како несебичен пропагатор на опусот на македонските композитори од овој жанр. Во неговиот богат творечки и интерпретавен опус се обединети сите негови животни и креативни настојувања на взаемно преточување на „сериозниот” и „популарниот” жанр врз кои базира целото негово творештво што опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави.

Џамбазов е автор и на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

„Единствениот маестро за мене во мојот живот, кроток, мил, зборлест, духовит, вечно вљубен во својата Анче, постојано загрижен за своите Тања и Игор… што седења сме си имале пред Воена болница кога Игор имаше проблеми со здравјето, колку тајни ми има кажано за македонските пејачи, затоа што бев многу љубопитна. Секогаш имаше по некој виц да ти раскаже и по некоја приказна од својот арсенал. Те сакам, мој мој маестро и треба да си во алејата на великаните без збор“ – напиша Весна Петрушевска.

„Почивај во мир и вечна ти слава, драг Маестро. Македонија денес губи добрина, интелигенција, маестралност, но ти ќе останеш бесмртен засекогаш во нашите срца, како и целото творештво што ни го оставаш“ – напиша оперскиот пејач Благој Нацоски.

 

 

Сподели