„Ќе се омажиш за мене“ на Петар Милошевски за крај на „Театарски европски алтернативи“

Со изложба во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20.30 часот завршува првото издание на Интернационалниот фестивал „Театарски европски алтернативи“ Sturm und Drang. Изложбата е всушност поезија преточена во дизајн постери, фотографии и графички визуелни дела на тема: „Продор“ или Sturm und Drang. По отворањето ќе биде и официјалното доделување на наградите за најдобар актер, режија, претстава, студентска претстава и „Нов бран – најдобар артист“. Настанот е отворен за јавноста, со почитување на протоколите за заштита од ковид-19.

На последниот фестивалски ден преку онлајн платформата на „Театарски европски алтернативи“ во 19.30 часот ќе биде прикажана и претставата на специјалниот гостин Петар Милошевски, оригинално насловена „You will marry me“ („Ќе се омажиш за мене“) – краток видео перформанс создаден за време на полицискиот час. Користејќи реквизити кои можат да се најдат по дома, целосно е снимен со паметен телефон преку кој бестрашно е опфатена ситуацијата со глобалната пандемија во 2020 година. Преку овој перформанс се доловува како овој човек сака да стапи во брак со својот живот. Перформансот е влезен во селекција на значајни фестивали во Велика Британија и САД. Претставата може да ја проследите на овој ЛИНК. 

Интернационалниот фестивал „Театарски европски алтернативи“ се одржува прв пат во онлајн верзија и е поддржан од Министерството за култура.

– На овој начин треба да функционира независната алтернативна театарска сцена. Се надевам покажавме дека дури и во пандемски услови може да се оствари и невозможното, театарот да го преточиме во видео и сепак да ја доживееме театарската игра преку талентот кој го покажуваат актерите и креаторите – изјави Теа Беговска, иницијатор и основач на фестивалот.

Сподели