Заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Набљудување“ во режија на Јанез Бургер, а по сценарио на Срѓан Кољевиќ и Јанез Бургер, копродуцкциски проект меѓу Словенија, Хрватска, Италија и Македонија, соопшти продуцентската куќа „Кавал филм“ до Скопје. Филмот е снимен на локации во Љубљана, Словенија и Горица, Италија. Вкупниот буџет изнесува 1,8 милиони евра, а малциснки удел има и македонската Агенција за филм.
Продуценти се Миха Чернец и Јожко Рутар од „Старагара“ од Словенија, а копродуценти се Борис Т. Матиќ од „Пропелер филм“, Хрватска, Игор Принчич од „Трансмедиа“ и Роберт Јазаџиски од „Кавал филм“.
Приказната ја следи Лара, млада медицинска сестра на пробна работа во службата за итна помош, која учествува во спасувањето на брутално претепаниот Кристијан. Претепувањето во живо, на Фејсбук, го гледале дваесетина илјади луѓе и никој од нив не повикал полиција. Иако Кристијан е во кома, Лара од неговиот фејсбук профил добива видео снимки на кои непознати лица го гледаат претепувањето и ова го пријавува во полиција. Во меѓувреме, сите набљудувачи од видео снимките стануваат дел од нејзиното морничаво секојдневие. Набрзо, сфаќа дека и самата е соучесник во овој ужасен настан.
– Филмот е инспириран од вистински настан кој се случил во село Подбочје, Словенија. Убиството во Подбочје е современа верзија на убиството на Кити Џеновезе во Њујорк, во 1964 година. „Случајот Џеновезе“ кој стана симбол на урбаната апатија и недостаток на сочуство ги постави темелите на поимот „ефект на набљудувачот“ или „Џеновезе синдром“ – објаснуваат од „Кавал филм“.
Улогите ги толкуваат: Диана Коленц, Наташа Кесер, Владимир Влашкалиќ, Бенјамин Крнетич, Јуре Хенигман, Блаж Сетникар, Павле Равнохриб, Дамјана Черне, Мојца Функл, Лара Воук, Роберт Пребил, Сретен Мокровиќ и др. Кинематографер еМарко Брдар, монтажер – Милош Калусек, сценографијата е на Васја Кокаљ и Шпела Јеловчан, а костимограф е Ана Савиќ-Гецан. Композитор е Тони Китановски. Проектот е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија, Студио Виба Филм, Агенција за филм на Македонија, Creative Europa Media, Friuli Venezia Giulia Film Commission и Министерството за култура на Италија.